• четврток, 14 ноември 2024

Граѓани сведочат за невремето во Кавадарци, брза интервенција на надлежните

Граѓани сведочат за невремето во Кавадарци, брза интервенција на надлежните
Кавадарци, 14 август 2022 (МИА) - Поплавата ни донесе метар и седумдесет сантиметри висока вода во подрумот, поплавени се работите што ги чувавме внатре. Вака изјавија денеска за МИА најблиските на кавадарчанката Менча Точкова, чија куќа била на удар на невремето што го зафати синоќа Кавадарци. Објектот се наоѓа веднаш до кавадаречката централна градинка, кај кејот на реката Луда Мара.
Но, реката овојпат не била излеана, иако, како што се раскажува во Кавадарци, во минатото знаела често да збесне и да предизвика поплави, а поради тоа го добила и името Велика. Во 1934 година ја однела и општинската зграда.
Според Точкови, синоќа поплавата била од поројни дождови од улицата, кои влегле во најнискиот дел од објектот.
-Подрумот беше полн со вода, не две или три педи, буквално полн. Вистински хаос. Никогаш порано не се наполнил толку многу вода од поројни дождови. Работите што ги чувавме во подрумската просторија, што се вели, пливаа внатре. Поплавата е пријавена кај надлежните служби и очекуваме комисија да ја утврди причинетата штета и причините за неа, рекоа Точкови.
Тие нагласија дека имало навремена и брза интервенција од кавадаречките пожарникари, водата била исцрпена со пумпи. Бил извршен увид на местото, дополнително ќе се утврдувале околностите за поплавата и висината на штетата. свд/мд/

Остани поврзан