• четврток, 21 ноември 2024

Граѓаните сè повеќе ги ползуваат придобивките од мобилните апликации и електронската трговија

Граѓаните сè повеќе ги ползуваат придобивките од мобилните апликации и електронската трговија

Скопје, 1 јули 2021 (МИА) - Плаќањата со платежните картички од страна на граѓаните во трговијата во земјата во првиот квартал од 2021 година, забележаа значителен годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции од 36 отсто и 28 отсто, соодветно, што во значителен дел се должи на условите наметнати од пандемијата.

Како што соопшти Народна банка, високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните во трговијата е пред сè резултат на исклучителниот пораст на бројот на плаќањата со платежни картички на местата на продажба на интернет, којшто во првиот квартал од 2021 година изнесуваше 110 отсто и притоа беше повисок од годишниот раст во истиот квартал од 2020 година (77 отсто). Во однос на користењето на платежните картички на физичките места на продажба од страна на граѓаните, во првиот квартал од 2021 година беше остварен годишен раст од 23 отсто, којшто е на исто ниво со годишниот раст остварен во истиот квартал од 2020 година.

Од аспект на плаќањата со платниот инструмент кредитен трансфер во време на пандемија, во првиот квартал од 2021 година, е забележан поумерен пораст кај плаќањата на граѓаните во споредба со плаќањата со платежни картички, со годишен раст од 11 отсто кај вредноста на трансакциите, односно 6 отсто кај бројот на извршените трансакции.

Од почетокот на корона-кризата па наваму, заради потребата од заштита на јавното здравје, изолација и социјална дистанца, граѓаните сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство при иницирањето на кредитните трансфери. Така, бројот на електронски иницираните кредитни трансфери во првиот квартал од 2021 година се зголемил за значителни 49 отсто на годишна основа, што е повеќе за 2,3 пати во споредба со годишниот раст во истиот квартал во 2020 година (21 отсто). За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации, што укажува на натамошно менување на платежните навики во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање.

Од Народна банка наведуваат дека како и во изминатиот период од пандемијата, тренд на пораст на бројот на плаќањата извршени со мобилен телефон има и во првиот квартал од 2021 година и тој достигнува годишен раст од 99 отсто. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин е исто така двојно повисок од годишниот раст остварен во истиот период од 2020 година, којшто изнесуваше 46 отсто. Покрај тоа, во првиот квартал од 2021 година, иако послабо во однос на употребата на мобилните апликации, и натаму расте употребата на компјутерите за извршување плаќања во земјата од страна на граѓаните. Поконкретно, кај овие плаќања, во првиот квартал од 2021 година се забележува висок годишен раст од 30 отсто, којшто е двојно повисок од годишниот раст во истиот период од 2020 година, којшто изнесуваше 14 отсто.

-Условите коишто ги наметна пандемијата на Ковид-19 придонесоа за менување на навиките на граѓаните и во однос на иницирањето кредитни трансфери на хартија, при што бројот на кредитните трансфери иницирани на овој начин забележа годишен пад од 7 отсто во првиот квартал од 2021, наспроти годишниот раст во истиот квартал во 2020 година, од 4 отсто, се вели во соопштението од Народна банка. мд/са/

Остани поврзан