• понеделник, 23 декември 2024

Граѓаните да внимаваат на личните податоци при онлајн купувањето

Граѓаните да внимаваат на личните податоци при онлајн купувањето
Скопје, 22 декември 2020 (МИА) – Потрошувачите се соочуваат со проблеми при онлајн купувањето од нерегистрирани трговци на социјалните мрежи. Најчесто не им е доставен производ со ист квалитет како прикажаниот, надминат е рокот на испорака и немаат можност да го вратат. Надлежните препорачуваат при купување на интернет да се внимава и со давањето на лични податоци, односно прво да се провери дали страната од која се купува производот е сигурна бидејќи во спротивно постои можност личните податоци да бидат злоупотребени. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија посочуваат дека 60 проценти од анкетираните потрошувачи се соочиле со некаков проблем при онлајн купувањето, а само 39 проценти се изјасниле дека немаат никаков проблем со ваквиот начин на купување. Најчестите проблеми, како што истакнуваат од ОПМ, не се јавуваат при купувањето од регистрирани онлајн продавници, туку од трговци поединци кои продаваат на социјалните мрежи. - Тоа се луѓе кои прават профил на социјалните мрежи и притоа продаваат производи, без да регистрираат фирма. Така, купувачите заведени од заведувачкото рекламирање се решават да купат производ без притоа да им се издаде фискална сметка, фактура или пак да платат преку трансакција. Најчесто производот го плаќаат кога ќе пристигне кај нив, истакна Мартина Грчаровска, правен застапник во ОПМ на денешната трибина „Заштита на правата поврзани со личните податоци на потрошувачите“. Токму тука, според Грчаровска, се јавува проблем бидејќи во вакви случаи без фискална сметка или доказ за извршена трансакција, многу тешко граѓаните можат потоа да си ги бараат своите права. Препорака е и при купување на интернет, прво да се провери дали се работи за сигурна и заштитена страна, а дури потоа да се оставаат лични податоци за достава на бараниот производ. - Потрошувачот треба да биде свесен дека ги изнесува своите лични податоци и треба да знае дека колку помалку податоци дава, толку повеќе е заштитен. Кога купуваме преку интернет прво треба да ја провериме безбедноста на страницата и да бидеме претпазливи во давањето на личните податоци бидејќи има хакери кои може да ги искористат овие податоци и да дојде до кражба на идентитетот, вели адвокатката Маријана Марушиќ Кос. Изминатава година, во Организацијата на потрошувачи најмногу поплаки или поточно 692 се примени за купени апарати и опрема по што следуваат поплаките за дадени услуги – 230. Од јавните услуги, најмногу поплаки имало во делот на електричната енергија и телекомуникациите, а незадоволни потрошувачи имало и за топлинска енергија и за водовод. Во делот на финансиските услуги годинава ОПМ забележува зголемен број на поплаки кај брзите кредити, како и случаи во кои, иако граѓани не дале согласност за одложено плаќање на кредитите, сепак, плаќањето им било одложено. Потрошувачите се соочиле и со проблем при достава на купен мебел, односно тој бил доставен многу подолго од договореното, а имало и случаи на достава на оштетен мебел. Поплаките од областа на храната годинава се сведени на минимум, но сепак најчесто како проблеми со кои се соочиле граѓаните се производи со поминат рок или производи со поинаков состав од наведениот на амбалажата. Како проблем и понатаму останува остварувањето на правото на потрошувачот со непризнавање на гаранцијата за купен производ или долгата процедура за сервисирање на производот. Годинава, актуелни се и проблемите на граѓаните во делот на домувањето, односно направените анализи на ОПМ покажале дека незадоволство се јавува во однос на редовното тековно одржување, високите сметки за одржување и нетраспарентното користење на средствата од резервниот фонд. бак/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан