Гран при „Плакета Милтон Манаки“ за документарецот „Повратникот“ на Диме Талевски
- Меѓународно жири на Интернационалниот аматерски непрофесионален документарен филм-ИАДФ „Камера 300“ одлучи годинава наградата Гран при „Плакета Милтон Манаки“ да ја додели на Диме Талевски, автор на документарниот филм „Повратникот“.
Битола, 3 ноември 2023 (МИА) - Меѓународно жири на Интернационалниот аматерски непрофесионален документарен филм-ИАДФ „Камера 300“ одлучи годинава наградата Гран при „Плакета Милтон Манаки“ да ја додели на Диме Талевски, автор на документарниот филм „Повратникот“.
Во конкуренција на 43 филмови, жирито одлучи златна „Камера 300“ да додели на група автори од Попово, Бугарија кои го снимија документарецот „Часовничар“, сребрена „Камера 300“ е доделена на група автори од Шумен, Бугарија за филмот „Споменици“, а бронзена „Камера 300“ е доделена на Бојан Петровски од Шведска за филмот „Детство – ехото на тишината“.
Во пресрет на вечерашното врачување на наградите кое ќе се одржи во НУ Центар за култура-Битола, организаторот на 31. издание на ИАДФ „Камера 300“ информира дека ќе бидат доделени и сребрен медал Уника, кој му припадна на Љупчо Паунковски, автор на филмот „Киното Охридско Езеро“, плакета на Општина Битола за најдобра камера ќе добие Илке Аксталер од Германија, а плакета за режија „Драги Савевски“ ќе добие Божидар Кунсрељ од Словенија.
Според востановената традиција, вечер на фестивалот во Битола ќе бидат врачени награди на Христијан Кочовски за најдобра монтажа, Љупчо Ристески ќе добие награда за најдобра репортажа, а група автори од Бугарија ќе бидат наградени за филмот „Спомен за Величко“.
Меѓународното стручно жири одлучи да додели специјални награди плакети на авторот Џејмс Калмерс од Велика Британија за истражување во филмот „Приказни за пловечкиот брод“ и на авторите Ноела Нечкоска и Рената Петревска Нечкоска за филмот „Филигран, дизајн, накит, вез“. мт/мд/
Фото: ИАДФ „Камера 300“