Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ го одбележа Денот на македонскиот јазик
- Со беседа посветена на кодификацијата на македонскиот литературен јазик и извадоци од излагања на основоположниците на нашиот јазик, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ го одбележа 5 Мај
Скопје, 5 мај 2022 (МИА) - Со беседа посветена на кодификацијата на македонскиот литературен јазик и извадоци од излагања на основоположниците на нашиот јазик, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ го одбележа 5 Мај - Денот на македонскиот јазик.
Директорката на библиотеката, Снежана Стојчевска, со песната „Мојот татко“ од Анте Поповски, го честиташе празникот во име на установата, поистоветувајќи го домот во песната со државата, а таткото со јазикот.
- Чувајте го македонскиот јазик, изучувајте го, негувајте го. Само со читање може да се надградуваме, тоа е најголемата инвестиција што можете да ја направите во себе си и никој не може да ви ја одземе, порача Стојчевска.
Беседата насловена „Од усогласена азбука до литературен јазик или: Како стана Денот на македонската азбука - Ден на македонскиот јазик“ ја одржа професор д-р Димитар Пандев, кој истакна дека Македонија не е само богата јазична територија туку и плодна азбучна почва.
- Денот на македонската азбука стана ден на македонскиот јазик со подемот на македонската литература и култура, со јасната свест на македонските зборувачи за употребата на македонскиот јазик во сите сфери на јавната комуникација, посочи тој.
Делови од излагања на Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, Крум Тошев, Васил Иљоски, како и поезија од Ацо Шопов, Славко Јаневски и Гане Тодоровски, интерпретираше актерката Сања Ристеска Ризоска.
На настанот присуствуваа и ученици од скопската гимназија „Ѓорѓи Димитров“.
Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, беше прогласен во 2019 година со одлука на Владата.
На овој ден во 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик. ар/лв/