• петок, 05 декември 2025

Градоначалниците од источниот регион ќе достават Иницијатива за обезбедување на ново противпожарно возило за ТППЕ-Кочани

Градоначалниците од источниот регион ќе достават Иницијатива за обезбедување на ново противпожарно возило за ТППЕ-Кочани

Штип, 25 април 2025 (МИА) – Советот на градоначалници на Источно планскиот регион (ИПР) на денешната седница во Штип ја прифатија Иницијативата на в.д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски за обезбедување на едно противпожарно возила за Територијалната Противпожарна едница (ТППЕ)-Кочани. Иницијативата ќе биде доставена до ЗЕЛС и Владата на Република Северна Македонија, бидејќи состојбата со возилата во ТППЕ-Кочани е лоша и какошто изјави Крстевски недостасуваат три противпожарни возила. Тој потенцира дека пожарникарите на ТППЕ-Кочани на терен ги гасната пожари во општините Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци.

-На трагичниот настан пред 41 ден во Кочани возилото коешто е користено на ТППЕ-Кочани е од 1971 година, во него морало да седи лице во него за да кочи на истото и наместо пожарникарот да го гасни пожарот, заради тоа што сме оскудни со опрема истиот морал да биде внатре во возилото. За таа цел на повеќе места апелирав да се набават колку што е можно повеќе противпожарни возила за Кочани и да не ни се повторат такви ситуации, изјави Крстевски.

Тој посочи дека на Кочани му е потребна помош и тоа во моментов, веднаш.

Претседателот на Советот на градоначалници на ИПР, Борчо Коцев, воедно и градоначалник на Општина Зрновци истакна дека сите општини од источниот регион се сплотени во решавање на проблемите и донесување на позитивни политики и решенија како за развојот и при елементарни непогоди во регионот.

-По дискусијата на градоначалниците донесовме заклучок да поднесеме Иницијатива до Владата на Република Македонија, за да во блиска иднина биде обезбедено возило коешто ќе биде ставено во функција на ТППЕ-Кочани, при вакви ситуации изразувам и благодарност до останатите општини кои со своите можности, ресурси и материјално технички средства секогаш учествуваат во вакви непогоди, вели Коцев.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов вели дека состојбата со противпожарните возила е речиси иста во сите општини. Од буџетот на општината набавено е ново противпожарно возило и дополнителна опрема за пожарникарите.

-За некаде околу една недела Општина Пробиштип распишува тендерска постапка, со којашто ќе обезбеди уште едно теренско возило, согласно потребите и можам слободно да кажам дека во тој дел стануваме една од единиците, коишто се поопремени во државата. Но, секако ќе кажам дека сооглед на пожарите кои ги имавме изминатите години тоа не е доволно, вели Анастасов.

Тој додаде дека лани за време на пожарите на планината Серта на ресорните министри и директори на државните институции им предочил дека мора државата да се вклучи и да даде помош на сите општини за ТППЕ. Анастасов вели дека освен што општините кубурат со противпожарни возила и опрема се соочуваат и со тужби од пожарникарите, а за решавање на овој проблем очекува и да се донесе ветеното законско решение, односно според еден Правилник ќе постапуваат сите ТППЕ во земјата. вдј/дма/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан