• четврток, 21 ноември 2024

Гостување на Драмски театар на фестивалот РУТА во Подгорица

Гостување на Драмски театар на фестивалот РУТА во Подгорица

Скопје, 11 април 2024(МИА) - Со претставата „Падот на Масада“ на Дејан Пројковски, Драмски театар од Скопје вечерва гостува на сцената „Будо Томовиќ“ на фестивалот РУТА во Подгорица. Почетокот на претставата е во 20:00 часот. Фестивалот РУТА се одржува од 8 до 13 април во организација на Градско позориште Подгорица.

- По премиерата во декември минатата година, ова е прво меѓународно гостување на претставата „Падот на Масада“. На матичната сцена претставата е изведена веќе десетина пати и за секоја изведба има голем интерес од публиката, информираат од Драмскиот театар

Претставата „Падот на Масада“ ја режираше режисерот Дејан Пројковски, на текст на авторот Венко Андоновски. Асистент на режија е Дамјан Димовски. Сценографијата и костимографијата на претставата се доверени на Валентин Светозарев. Музиката е на Горан Трајкоски.

Улогите ги толкуваат актерите на ансамблот при Драмски театар Скопје: Јелена Жугиќ, Емилија Мицевска, Филип Трајковиќ, Рубенс Муратовски и Александар Степанулески

Авторот Венко Андоновски во белешката за текстот и претставата „Падот на Масада“ го поставува прашањето – Вреди ли да се даде животот за една идеја, без разлика колку таа е поврзана со националната, патриотската, револуционерната или која било друга идеолошка чест!? Претставата е необична колаж – драма, составена од шест драматични слики од различни историски епохи во кои се случувал чин на самоубиство.

На фестивалот РУТА неделава ќе се претстават: Београдско драмско позориште, Местно гледалиште Љубљана, Камерни 55 од Сараево, театарот Улисис од Хрватска и домаќинот Градско позориште Подгорица.

Инаку, по фестивалот што се одржа во Љубљана во февруари, Подгорица е втор домаќин во годишниот календар на фестивалот РУТА. Наредното ревијално издание на регионалниот фестивалот РУТА е наредниот месец во Сараево каде домаќин ќе биде театарот – Камерни 55. ад/ир


Фото: Драмски театар

 

Остани поврзан