• понеделник, 23 декември 2024

Голомразицата на тротоарите опасност за пешаците во Кичево

Голомразицата на тротоарите опасност за пешаците во Кичево
Кичево, 24 јануари 2022 (МИА) - Иако висината на снежната покривка во Кичево не е голема, сепак на повеќето осојничави улици каде што не допираат сончевите зраци, снегот замрзна и стана опасност за сите пешаци кои се движат по тротоарите. Комуналното претпријатие презеде акција за посипување со ризла и сол на најголемиот дел тротоари во градот, со цел да им го олесни движењето на пешаците и да ја зголеми нивната безбедност. -Снегот од крајот на претходната недела не направи поголеми проблеми во одвивањето на сообраќајот во градот и околните населени места, но поради ниските температури и благото топење на снегот ги претвори тротоарите во вистински лизгалишта, изјави директорот  на комуналното претпријатие Зенел Јонузи. Тој посочи дека презеле акција за посипување со ризла и сол на најголемиот дел од тротоарите во градот за да се олесни движењето на пешаците по улиците. -Соочени со овој проблем во изминатите три дена на повеќето тротоари низ градот, особено на осојничавите места, фрливме поголеми количества на абразивен материјал ризла и сол, која и не е така делотворна во периоди кога температурите се под минус 5 степени Целзиусови. Се надеваме дека абразивните материјали и внимателното движење по тротоарите ќе помогнат граѓаните што побезбедно да се движат, бидејќи при евентуални падови може да дојде до повреди и скршеници, рече директор на комуналното претпријатие. Напомна дека комуналното претпријатие ќе интервенира на овие осојничави места се додека снегот целосно не стопи, а тоа, како што кажа, нема да се случи брзо, бидејќи метеоролозите предвидуваат дека и во текот на оваа недела температурите ќе бидат многу ниски, што ќе овозможи снегот и мразот на местата под сенка да бидат и понатаму опасни за пешаците.за/вј/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан