• петок, 22 ноември 2024

Големиот Kорален Гребен изложен на зачестени топлотни удари

Големиот Kорален Гребен изложен на зачестени топлотни удари
Канбера, 8 ноември 2021 (МИА) - Вкупно 98 отсто од Големиот Kорален Гребен кај Австралија е погоден од штетната појава на избелување на коралите. Според трудот објавен минатата недела во стручното списание „Курент бајолоџи“ (Current Biology), ова е четврта ваква поголема појава на избелување по 1998 година, а само два отсто од тоа големо подводно тело овојпат го избегнало влијанието. Топлотните бранови ги избелуваат коралите. Водечкиот автор Тери Хјуз од АРЦ - Центарот за истражување на корални гребени при Универзитетот „Џејмс Кук“ смета дека јачината, но и зачестеноста на топлотните бранови коишто предизвикуваат избелување на коралите се зголемуваат. Ова е предизвикано од топлотен удар, т.е. раст на температурата на морето. Коралите, всушност, притоа ги отфрлаат алгите кои вообичаено живеат врз нивното ткиво, со што ги губат своите вообичаени бои. Но, Големиот Корален Гребен за кусо време претрпе три големи избелувања - во 2016, 2017 и 2020 година, што сериозно го наруши здравјето и опстанокот на коралите. Научниците во јули објавија дека коралите покажале одредени знаци на закрепнување во текот на изминатата година, но признаваат дека шансите за опстанок на овој екосистем долг 2.300 километри се мали на долг рок. Влијанието на овие фактори се зголемува со климатските промени. Истражувањата покажаа дека коралите кои претходно биле изложени на топлотни бранови биле помалку подложни на натамошни штетни влијанија. Но, стручњакот Шон Коноли од Истражувачкиот институт „Смитсонијан“, сепак, предупредува дека зачестеното избелување ќе ја намали отпорноста на гребенот. - На коралите им треба време да заздрават пред повторно да бидат изложени на тој топлински стрес, за да можат да создадат млади единки што ќе се рашират низ уништените делови на гребенот. Исклучително е важно да се намали влијанието на климатските промени, нагласува Коноли. Австралиската економија во голема мера се потпира на употребата на фосилни горива, а земјата е еден од најголемите светски извозници на јаглен и нафта, па австралиските власти се спротивставуваат на промената на тие навики.  си/паг/

Остани поврзан