• петок, 22 ноември 2024

Годинашната средна оценка на матурата е 3,25, Јаневска ќе инсистира полагањето да се врши во амфитеатри (ДПЛ)

Годинашната средна оценка на матурата е 3,25, Јаневска ќе инсистира полагањето да се врши во амфитеатри (ДПЛ)

Скопје, 5 јули 2024 (МИА) - Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска денеска на прес конференција информираше дека годинашната средна оценка на матурата е 3,25 и како што потенцираше, иако е пониска од претходните години, сепак е одлична во однос на објективноста.

Таа напомена дека оценката од лани е 3,65, во 2022 година е 3,78, а во 2021 е 3,61. Ова, како што рече, според Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на процесот е резултат на заострените мерки при полагањето кои биле преземени.

- Вкупно 14.834 пријавени кандидати на 1 јуни го полагаа задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет, а тестирањето се спроведе во холовите и спортските сали на училиштата, заради поголема прегледност и контрола на набљудувачите над учениците, додаде Михајловска.

Како што информираше, по мајчин јазик средната оценка е 3,37, за англиски јазик 3, 06, за француски јазик 4,47.

- Во однос на оценката и по мајчин јазик и по англиски јазик сметаме дека оваа година таа оценка е многу пореална од претходните години. Што се однесува до мерките што ги презедовме оваа година во однос на подобрување на условите за полагање во смисла на добивање на пообјективни резултати годинава имавме две мерки – големиот простор односно полагањето во училишните холови и во спортските сали на училиштата и прецизирање на казнените мерки и начинот на функционирање на тестаторите и на набљудувачите, рече Михајловска.

Според резултатите, откриени се 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека четорица се фатени како препишуваатпо претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценување на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици на кои им е изречена мерката поништување на испитот ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок.

Како што рече Михајловска, најголем број на прекршување на правилата за полагање на државната матура се констатирани во СЕПУГС „Арсени Јовков“ во Скопје вкупно 32, потоа во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје каде се изречени 18 мерки, во СОУ „8 Септември“ во Тетово има 14 изречени мерки, по 13 мерки за прекршување на правилата на тестирањето се изречени во СОУ „Методија Митевски – Брицо“ во Скопје и ЦСНО „28 Ноември“ во Дебар. Во СУГС „Цветан Димов“ во Скопје се изречени 12 мерки за остранување од процесот на полагање на Државната матура.

Таа потсети дека учениците кои не го положиле испитот од која било причина во јунскиот испитен рок ќе можат повторно да се пријават во августовскиот испитен рок.  Како што посочи, пред да се случи тоа, во понеделник и вторник учениците кои не се задоволни од оценката може да поднесат приговор до училиштата, кој потоа ќе биде проследен до ДИЦ и комисиите за разрешување на приговорите.

- Сите ученици кои не приговараат практично од денес веќе ќе може да ги добијат дипломите во своите училишта. Доколку не приговараат резултатите се конечни. Доколку приговараат ќе почекаат до 16-ти јули да им ги испратиме резултатите по разрешување на приговорите. Од 10-ти почнува периодот на пријавување за августовскиот рок и ќе трае до 18-ти. Потоа, на 12 и 14 август повторно полагаат во августовски испитен рок оние ученици коишто не го положиле испитот во јунскиот испитен рок или коишто од која било причина биле оправдано отсутни, рече Михајловска.

Таа смета дека е добро да се размислува за обезбедување на блокатори во просториите каде што ќе се полага матурата, но и за обезбедување одредени бенефиции за оние тестатори и набљудувачи кои добро ја работат работата, а воедно и мерки за оние кои не ги исполниле условите, односно не ги испочитувале правилата докрај.  

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави две новини за подобра организација на полагањето на државната матура. Рече дека ќе инсистира полагањето на државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде има блокатори.

- Ќе инсистирам полагањето на државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде има блокатори и друга технологија која ќе оневозможи користење на комуникациски уреди за време на полагањето, затоа што најчесто, поединечни и масовни препишувања се случуваат преку примена на мобилни телефони и други уреди на кои има инсталирани апликации за комуницирање, истакна Јаневска.

Како што додаде, мора да постојат санкции за набљудувачите, тестаторите и за сите они ги делат просториите со учениците што полагаат, а прават пропусти. За следната година најави и мерка којашто се однесува на измена на правилниците за полагање државна матура од аспект на подигнување на одговорностите на лицата кои се вклучени во процесот.

На новинарско прашање во врска со начинот на пресметување на бодовите за добивање оценка, директорката на ДИЦ рече дека не се објавуваат бодови туку перцентили, затоа што тоа е пореален начин за прикажување на успехот на учениците.

- Перцентилите не покажуваат процент на решеност, туку покажуваат од колку ученици конкретниот ученик е подобар без оглед колку го решил тестот. Доколку тестот носи 100 поени и доколку кажат стручните лица коишто го правеле тестот дека 90 поени се потребни за 5, може да се случи да е тежок тестот и ако кажеме дека 90 поени се потребни за 5, може да се случи ниту едно дете во државата да не добие ниту една 5. Затоа, не е поврзано со конкретни поени, туку кога ќе ги добиеме резултатите се определува колку поени се за двојка, односно за полагање на тестот. Начинот на којшто се определуваат перцентилите се многу транспарентно опишани во Правилникот за државната матура. Не е точно дека некој самоволно одредува. Тоа се стручни лица, рече Михајловска

Таа потврди дека сите ученици кои поднеле приговор имаат право да ги видат тестовите по завршување на процесот на приговори. бт/бак/

Фото: МИА, МОН

Остани поврзан