ГИДС: Државите ги игнорираа раните предупредувања за пандемијата
- Голем број држави не им посветија доволно внимание на советите од странство во раната фаза на пандемијата на новиот коронавирус, тврди германски воен аналитички центар.

Берлин, 29 април 2020 (МИА) - Голем број држави не им посветија доволно внимание на советите од странство во раната фаза на пандемијата на новиот коронавирус, тврди германски воен аналитички центар.
- Кризата покажува дека, зависно од политичката култура, раните предупредувања делумно биле игнорирани, па дури и отфрлени, од различни држави, изјави Кристијан Хагенмилер, лекар и експерт во Германскиот институт за одбрана и стратешки истражувања (ГИДС), во документ објавен денеска.
Тој како пример ги наведе САД.
- Тие имаат многу развиени средства за рано откривање на здравствени закани, како цивилни така и воени, и брзо го препознаа развојот на настаните со Ковид-19. Но, политичкото раководство тоа не го сметаше за приоритет, истакна Хагенмилер.
ГИДС е институција заснована врз соработката меѓу германската армија и воениот универзитет „Хелмут Шмит“ во Хамбург. Институтот ги истражува безбедносните прашања и ги советува политичарите и воените лидери. гт/