• среда, 18 декември 2024

Герапетритис: ЕУ перспективата на Западен Балкан е важна за консолидација на мирот и просперитетот во регионот

Герапетритис: ЕУ перспективата на Западен Балкан е важна за консолидација на мирот и просперитетот во регионот

Атина, 14 октомври 2024 (МИА) – Во време на две војни кои го загрозуваат нашиот регион, кои ја загрозуваат глобалната безбедност, европскиот пат на Западен Балкан е важен за да може во нашиот регион да се консолидира мир и просперитет, да избегнеме национализми, да зацртаме курс кој ќе биде компатибилен со Европа, порача министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по неговото учество на Самитот на Берлинскиот процес за Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија уште еднаш ја повтори позицијата на земјата за ЕУ перспективата на регионот, позиција, како што рече, одредена пред дваесет години со Солунската агенда од 2003 година, кога „Грција беше пионер во интеграцијата на Западен Балкан во европското семејство“.

-Ова треба да се направи со целосно почитување на европското законодавство, со целосно почитување на меѓународното право, со целосно почитување на принципите на демократијата и владеењето на правото. А ние ќе бидеме тие кои ќе го забрзаме овој процес, секогаш под услов да се почитуваат основните принципи на Европската Унија, за нашиот регион да ги има мирот и просперитетот што се потребни во овие тешки времиња, истакна Герапетритис.

На маргините на Самитот на Берлинскиот процес, како што претходно објави МИА, шефот на грчката дипломатија имаше куси средби, меѓу кои и со премиерот Христијан Мицкоски и со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски, според фотографиите на платформата Икс од Министерството за надворешни работи на Грција. ср/сд/

Фото: Министерство за надворешни работи на Грција

Остани поврзан