Гевгелија нема функционален систем за тревога и јавни скривници
- Од гевгелискиот Центар за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, информираат дека во Гевгелија постојат сирени за тревога, кои не се исправни и дека постојат само неколку з
Гевгелија,11 март 2022 (МИА) - Во Гевгелија во моментот не функционира систем за тревога и скривници каде граѓаните би можеле да се засолнат при евентуална било каква опасност.
Од гевгелискиот Центар за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, информираат дека во Гевгелија постојат сирени за тревога, кои не се исправни и дека постојат само неколку засолништа во поедини институции, но не и во зградите каде би се засолниле граѓаните при евентуален воздушен напад.
- Во општина Гевгелија има вкупно 16 сирени за тревога, од кои 14 во градот Гевгелија и по една во селата Негорци и Миравци, кои не се функционални од причина што последен пат биле тестирани на почетокот од деведесеттите години од минатиот век,пред распадот на поранешната држава.Ветувањата од секоја влада за модернизирање на системот за алармирање до денеска не се исполнети,велат од гевгелиски ЦУК.
Од подрачната Дирекција за заштита и спасување велат дека општина Гевгелија нема јавни засолништа за граѓаните и дека постојат само четири скривалишта во институции како Основниот суд, детски градинки и фабриката ,,7 Ноември“, како и тоа дека при добивање на дозволи за градба од општината,инвеститорите немале обврска да доставуваат Елаборат за градење засолништа. им/цр