• недела, 22 декември 2024

Гана ја укина смртната казна 30 години по последната егзекуција

Гана ја укина смртната казна 30 години по последната егзекуција

Акра, 26 јули 2023 (МИА) - Парламентот на Гана денеска го изгласа укинувањето на смртната казна за сите злосторства, освен за предавство, со што го потврди мораториумот за егзекуции во изминатите три децении.

Според новиот закон, казните на 176 осуденици на смрт, меѓу кои и шест жени, ќе бидат заменети со доживотен затвор.

-Гана ги поддржува уставните и основните човекови права на сите, изјави Енох Јенгре од Правниот центар во Гана. „Ниту едно човечко суштество или институција не треба да има право да одземе нечиј живот“.

Смртната казна е сè поретка на африканскиот континент. Според Светската коалиција против смртната казна, 26 африкански земји целосно ја забранија смртната казна.

Последната егзекуција во Гана беше во 1993 година.

Иако укинувањето на смртната казна има поддршка од групи и експерти за човекови права, не сите во Гана веруваат дека таа треба да се укине.

-Ќе поттикне некои луѓе да одат во криминал знаејќи дека можеби ќе завршат во затвор, изјави социјалниот работник Рејмонд Куда.

Од друга страна, кривичниот адвокат од Акра, Френсис Гасу, кој потврди дека „населението општо прифатило дека смртната казна можеби не е корисна“, нагласи дека она што говори во прилог на нејзиното укинување е тоа што судските грешки се пречести и полициските истраги на кои тие се засноваат се премалку за да се одржи ваквата казна. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан