• вторник, 05 ноември 2024

Вучиќ од Прохор Пчински: Ги сакаме Македонците, го сакаме и македонскиот јазик и не мислиме дека не постои

Вучиќ од Прохор Пчински: Ги сакаме Македонците, го сакаме и македонскиот јазик и не мислиме дека не постои

Прохор Пчински, 2 август 2023 (МИА) - Навистина бев воодушевен утрово кога тука видов луѓе од Македонија кои зборуваат на македонски јазик. Ние Србите, како што знаете, ги сакаме Македонците и го сакаме македонскиот јазик и не мислиме дека не постои или не знам што. Напротив, одлично го разбираме македонскиот јазик како што знам дека и вие го разбирате и го зборувате српскиот јазик. Немам никаков проблем да кажам дека ние сме не само пријатели, туку дека како народ имаме братски односи и во секој случај, верувам дека тие односи и натаму ќе се развиваат, рече денеска српскиот претседател Александар Вучиќ по билатералната средба со својот македонски колега, претседателот Стево Пендаровски во Прохор Пчински.

Пендаровски, кој по повод државниот празник Илинден положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“, беше пречекан од својот српски колега Вучиќ.  

-Северна Македонија и Србија имаат одлична соработка, негуваат исклучително добри пријателски односи и меѓу нив не постојат отворени прашања. Нашата трговска размена е 1,5 милијари евра годишно, а верувам дека и натаму ќе расте. Заеднички работиме на олеснување на животот и на подобрување на животниот стандард на граѓаните од двете земји. Сега разговараме за спојување преку нашите железници со што ќе бидеме уште поблиску едни до други и уште подобро поврзани, изјави Вучиќ.

Српскиот претседател упати благодарност до владиката Пахомије за гостопримството, но, како што истакна, и до патријархот Порфирије „за историските одлуки што ги донесе СПЦ на добробит и во корист на двата наши народа, и српскиот и македонскиот“.

-Веќе немаме никакви отворени прашања. Ние Србите ги сакаме Македонците, ја сакаме Северна Македонија. Ништо не бараме и ништо не ни е потребно, освен уште повеќе и подобро да соработуваме. Ги немаме ние тие ситни пречки „кој што кому пред или внатре му кажал, му покажал или не“, рече Вучиќ, упатувајќи честитки по повод Илинден на македонски јазик. 

Претседателот Пендаровски му заблагодари на Вучиќ што Србија од минатата година овозможи повторно чествување на Илинден во Прохор Пчински.

-Вучиќ од лани овозможи земјава повторно да го слави државниот празник каде што е формирана. Кога на територијата на друга држава ве пречекува претседателот на Република Србија, за чин кој е од најголема важност за вас и за Вашата држава, само благодарност за претседателот Вучиќ. Ова да биде една добра традиција, која нема да се прекинува од политички, црковни или кои било други причини. Се надевам дека и следната година повторно ќе се гледаме на ова исто место, да оддадеме почит на нашите најголеми национални великани, истакна Пендаровски.  

Тој и Вучиќ, како што најави српскиот претседател, по  Прохор Пчински ќе продолжат во Врање, каде на работен ручек ќе разговараат за „натамошните чекори“.

Во состав на државно-црковната делегација што ја предводеше претседателот Пендаровски на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ беа потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, викарниот епископ Хераклејски г. Климент и претставници од Сојузот на борците на НОБ. мч/ам/

Фото/видео: МИА

Фото: ФБ на претседателот Стево Пендаровски

Остани поврзан