• петок, 22 ноември 2024

Втор ден СЕФФ: Дебати за енергијата, зелената транзиција и двигателите на растот по кризата

Втор ден СЕФФ: Дебати за енергијата, зелената транзиција и двигателите на растот по кризата
Скопје, 31 мај 2022 (МИА) - Скопскиот економско финансиски форум СЕФФ продолжува денеска со дебати во рамки на форумските столбови „Енергијата, зелената транзиција и инфраструктурата“ и „После кризата: Двигатели за економски раст“. Вториот ден од меѓународната конференција, според агендата, ќе стартува со обраќања на шефот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Собранието Талат Џафери, по што ќе се дебатира на темите „Енергија и зелена транзиција“, „Инфраструктура, поврзаност и трговија“, „Финансиски иновации и инвестиции во услови на неизвесност“, „Нови предизвици за добро владеење“ и „Човечкиот капитрал во 21 век“. Меѓу учесниците на панелите се претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Одил Рено-Басо и потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕБОР) Лилјана Павлова. На одделни панели се предвидени учества и на вицепремиерот за европски прашања Бојан  Маричиќ и на министрите за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, за транспорт и врски Благој Бочварски, за образование и наука Јетон Шаќири и за здравство Беким Сали, на директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски и на повеќе амбасадори. Форумот ќе биде заокружен со панел на кој министерот за финансии Фатмир Бесими и поранешните министри во овој ресор ќе ги сумираат оценките и укажувањата од дводневниот настан. На стартот на форумот, вчера, на првиот панел кој се однесуваше на тоа како да се одговори на макроекономските предизвици во турбулентни времиња, а во насока на одржување на економскиот раст, беше порачано дека на кус рок се потребни таргетирани мерки за поддршка на ранливите категории граѓани и фирмите кои се директно засегнати од кризата и одржување на стабилноста. На среден и долг рок, пак, поттикнување на конкуретноста и растот преку фокус на структурните реформи: зелена транзиција, енергетска ефикасност, дигитализација, вложувaње во човечки капитал и поврзување со земјите во регионот. Како што беше истакнато, изминатите две години светот и економијата постојано беа соочени со нови шокови и искушенија - прво пандемијата, која е најдлабоката рецесија од Втората светска војна наваму, а потоа и нарушување на синџирите на добавување што предизвикаа раст на цените на примарните производи, особено енергентите, како и затегнување на условите на финансиските пазари. Војната во Украина ја имаше улогата на катализатор во растот на цените на примарните производи, предизвика дополнителни нарушувања на синџирите на добавување и раст на претпазливоста кај инвеститорите и потрошувачите. Заканите од пандемијата се се уште присутни, а светската економија се соочува со повеќе кризи истовремено. На панелот беше посочено и дека кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата, покажа дека економските и финансиските системи станаа пожилави од глобалната финансиска криза наваму. Креаторите на политики, исто така, беа побрзи во одговорите. Фискалните власти преку силен стимул, кај голем број економии, успеаа да го амортизираат влијанието на Ковид-19 врз економската активност.Од друга страна, како резултат на кризата, фискалниот простор е намален, додека јавниот долг и фискалниот дефицит зголемен. Ова наметнува потреба од потаргетирани фискални одговори за време на новата криза. Во дискусијата беше нагласена и важноста од координацијата на фискалната и монетарната политика, со цел да се одржи стабилноста. - Владата најодговорно се справува со огромните економски и енергетски предизвици, како и со последиците од воената агресија врз Украина. Носиме тешки, принципиелни и пред се државнички одлуки за да ги заштитиме граѓаните, нивниот стандард и нивните приходи, како и ликвидноста на компаниите, порача премиерот Димитар Ковачевски. Како клучни мерки кои Владата ги презеде и ги презема на среден и долг рок тој ги посочи оние за заштита на животниот стандард на најранливите категории граѓани, како и задржување на ликвидноста на компаниите, потоа мерките за одржлив економски раст, односно долгорочна поддршка на растот на производството и зголемување на инклузивноста. Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, оцени дека е добро што земјите покажале добар одговор на кризата предизвикана од пандемијата. Имаше, рече тој, добар одговор, фискалните надлежни тела успеаја да се соочат со влијанието од оваа криза, а се обезбеди и ликвидност во економијата за одржување на економските активности. - Сега условите се различни од гледна точка на меѓународниот пазар, цените на производите се прелеаја и во националните економии, а покрај повисоките цени не загрижуваат и други прашања, како трговијата и потрошувачката. Некои централни банки веќе најавија построги правила што значи дека и цените на финансискиот капитал ќе се зголемат, истакна Бесими. На отворањето на Форумот, добитникот на Нобелова награда за економија, американскиот професор Пол Кругман осврнувајќи на состојбите по кризата предизвикана и од пандемијата, но сега и од војната во Украина, истакна дека се чувствуваат последиците од нив, но оти засега не може да се зборува дали технички земјите ќе бидат во рецесија, иако, како што нагласи, сите ќе чувствувам економска болка. – Инфлацијата достигна високи стапки. Зборуваме за навистина прегреани економии. Пред некое време инфлацијата беше задржана само на одредени стоки, но сега гледаме дека таа се проширува. Добро е што економиите се жешки, но сега мислам дека е значајно тие да се оладат. Многу е важно да има еден период во кој економиите ќе растат побавно отколку нивниот производствен капацитет. Мора да се отстрани таа прегреаност. Дали ќе има рецесија во техничка смисла. Одговорот на тоа прашање е нејасен. Се разбира дека има можност за период на бавен, но не толку негативен раст и развој, рече Кругман, дополнувајќи дека економиите постепено ќе се вратат во својата патека, иако тоа тешко се менаџира. СЕФФ е иницијатива на Министерството за финансии чија цел е да овозможи дебата за јавните политики на теми релевантни за Република Северна Македонија и за Југоисточна Европа, преку годишни конференции, повремени семинари и портал за анализи и коментари. лв/сп/

Остани поврзан