• среда, 05 март 2025

Врховниот суд на Грција ја прифати жалбата на израелскиот бизнисмен Штајнмец и нема да биде екстрадиран во Романија

Врховниот суд на Грција ја прифати жалбата на израелскиот бизнисмен Штајнмец и нема да биде екстрадиран во Романија

Атина, 5 март 2025 (МИА) – Врховниот суд на Грција ја прифатил жалбата на израелскиот бизнисмен Бени Штајнмец поднесена по одлуката на Апелационен суд и нема да биде екстрадиран во Романија, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

На средината на октомври Штајнмец беше уапсен на атинскиот аеродром по издадена меѓународна потерница од романските власти, а три месеци подоцна Апелацискиот суд на Грција одлучи да биде екстрадиран во Романија, по што следеше и жалбата до Врховниот суд.

Како што пишуваат грчките медиуми, израелскиот тајкун кој се занимава со рударство, енергетика, недвижности и индустрии за ископување дијаманти, по прифаќањето на жалбата ќе биде ослободен и нема да биде екстрадиран.

Штајнмец пред пет месеци на атинскиот аеродром пристигнал од Тел Авив со неговиот приватен авион, беше уапсен по издадена меѓународна потерница од романските власти, ден подоцна беше ослободен со кауција од 5.000 евра и забрана за излез од земјата, поради ослободителната одлука на Апелацискиот суд во Атина од 2022 година.

Тогаш адвокатот на Штајнмец, Ставрос Тојас објасни дека потерницата од романските власти за екстрадиција „е прогласена за неважечка од Интерпол, Грција, Италија и Кипар“.

Меѓународната потерница од романските власти се однесувала на негово учество во криминална организација и по донесената пресуда во отсуство за купување земјиште во периодот 2006-2008 година.

Штајнмец, во минатото, според натписите во македонските медиуми, бил еден од сопствениците на фабриката „Фени“, а новинарите од ИРЛ и ОССРП во нивното истражување откриле дека двапати истото лице со мала група негови пријатели, стои зад двојниот стечај на топилницата. ср/паг/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан