• петок, 22 ноември 2024

Времено затворен градскиот базен во Куманово

Времено затворен градскиот базен во Куманово
Куманово, 18 јануари 2022 (МИА) - Поради зголемените цени за електрична енергија и гас, затворениот градски базен, времено нема да биде отворен за посетителите, соопштија денеска надлежните од ЈП „Чистота и зеленило“-Куманово кое менаџира со СРЦ Базени. Цените на струјата и гасот го принудија менаџерскиот тим да одлучи времено да го затвори базенот. Претпријатието до неодамна се снабдувало со електрична енергија на отворен пазар. - Одлуката е донесена поради тоа што цената на гас за месец јануари се зголемува од 25 на 80 денари за метар кубен што е трикратно зголемување на цената. Цената на струјата имавме договор на тендерска постапка со понудувач, меѓутоа пред неполн месец самата фирма го раскина договорот со ЈП и веќе не сме на слободен пазар. Користиме цена директно којашто ни ја дава ЕВН и која ја наплаќа според во моментот како се движи струјата.Тие цени може да достигнат и до десетпати да бидат повисоки, или попрактично кажано за да биде запознаена јавноста, цената на гас овој период во минатата година се движела од 500.000-600.000 денари, очекувана цена за месец јануари е 1.500.000 до 1.600.000 денари, додека за струја цената се движела од 200.000 до 300.000 денари само за градскиот базен, цената на струја за месец јануари би можела да достигне и до 1.500.000 денари. Тоа се сериозни трошоци и расходи за ЈП кое не може да ги издржи овие цени и да продолжи со работа градскиот базен, бидејќи со овие сметки ние не можеме да ги покриеме трошоците и загубата на градскиот базен, изјави директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски. Тој се извини на децата, рекративците за временото затворање на базенот.     Градските базени и претходно работеа со загуба, трошоците ги покриваа општината и самото претпријатие, но сега поради енергетската криза нема да можат да одговорат на новите цени. „Чистота и Зеленило“ преку здружението на даватели на комунални услуги, ќе бара поддршка од Владата за надминување на состојбата. Преку општината претпријатието ќе бара поддршка за местење на фотоволтаични панели. Дотогаш 17-те вработени ќе бидат распределени на други места. Периодот за временото затворање ќе се искористи за санација, одржување, поправки, а водата нема да се црпи. ам/аа/

Остани поврзан