• недела, 22 декември 2024

Времениот претседател на Перу поднесе оставка

Времениот претседател на Перу поднесе оставка
Лима, 15 ноември 2020 (МИА) - Времениот претседател на Перу, Мануел Мерино поднесе денеска оставка, за помалку од една недела откако стапи на функцијата. Тој поднесе оставка по повеќедневните граѓански протести, на кои се бараше негово заминување од власт, а во кои две лица загинаа, а повеќе десетици се повредени, со што земјата се соочува со нова политичка криза. Мерино ја презема должноста претседател во вторникот откако Конгресот, во кој мнозинство има опозицијата, гласаше за смена на неговиот претходник Мартин Вискара. Во меѓувреме, денеска, според локалните медиуми, 13 од 18 министри во новата Влада, која беше формирана во четвртокот, поднесоа оставки. Меѓу нив се министрите за одбрана, за внатрешни работи, за правда, за економија и за здравство. Масовното повлекување на членови од владиниот кабинет се случува откако се дозна за смртта на двајца граѓани за време на вчерашната полициска интервенција за растерување на илјадниците демонстранти. Секојдневните протести во Перу започнаа откако Парламентот во понеделникот гласаше за смена на поранешниот претседател на земјата Мартин Вискара од функцијата поради покренатите обвинение против него за корупција. Сепак, демонстрантите ги обвинуваат членовите на Конгресот за злоупотреба на Уставот и одбиваат да го признаат новиот претседател Мануел Мерино, досегашен претседател на Парламентот. Поранешниот претседател Вискара има поддршка од народот заради неговата војна против корупцијата, поради што честопати беше во конфликт со парламентарците. гт/

Остани поврзан