• недела, 22 декември 2024

Врачена наградата „22 Ноември“ на Авзи Мустафа и Африм Османи

Врачена наградата „22 Ноември“ на Авзи Мустафа и Африм Османи

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - Професорите Авзи Мустафа и Африм Османи денеска ја добија државната награда „22 Ноември“ за 2024 година. Оваа награда се доделува како признание на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот, кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во државата.

Наградата им беше доделена во Собранието, а одлуката беше донесена од страна на Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“.

Проф. д-р Авзи Мустафа по повод добивање на наградата денеска изјави дека ова признание за него е многу значајно, но и емотивно, затоа што се доделува токму на денот кога е усвоена албанската азбука.Тој изрази загриженост од недоволната заштита на мајчините јазици.

-Ова признание за мене не е прво, но е многу значајно и емоционално влијае кај мене, затоа што се доделува токму на денот кога е усвоена албанската азбука. Она што јас сега го гледам и следам околу јазиците, е дека сите ние треба да бидеме загрижени околу начинот на кој ги чуваме нашите мајчини јазици. Можам да кажам дека повеќе не постои мајчин јазик, туку имаме прв, втор, трет јазик, изјави Мустафа.

Според него, токму оваа состојба треба да предизвика јазична „ургенција“ што е тоа што ние треба да преземеме во иднина, за да го заштитиме мајчиниот јазик.

-На моите внуци и внуки мајчин јазик им е повеќе англискиот. Тие секој ден меѓу себе комуницираат на англиски јазик, а нашите мајчини јазици слабо ги употребуваат. За мене ова претставува јазична ургенција, што ние треба да преземеме во иднина, како да ги заштитиме мајчините јазици. Во Обединетите нации има определен ден за мајчините јазици, но сепак и ова не е доволно. Треба да направиме една стратегија во однос на тоа како да ги заштитиме овие наши убави јазици, затоа што за мене нема мал или голем јазик, туку сите јазици се важни. Во иднина треба да најдеме соодветна стратегија, затоа што глобализацијата си го прави своето. Ако не се освестиме со време, ќе ги загубиме нашите мајчини јазици, рече Мустафа.

За педагогот проф. д-р Африм Османи, привилегија, но и одговорност е да се биде добитник на наградата „22 Ноември“.

-Чест и задоволство ми е што сум добитник на наградата „22 Ноември“, која е посветена на празникот на албанската азбука. Навистина, ова колку е привилегија е и одговорност, така што ми претставува и мотив, но и поттик повеќе да продолжам понатаму со научно истражувачката дејност, посебно во полето на правото, но и во полето во кое што сум активен, тоа е екологијата, односно животната средина, рече Османи.

Тој е на ставот дека државата слабо вложува во научната дејност, а како причина ја наведе малата посетеност на меѓународните научни конференции од страна на научниците, поради недоволното финансирање од државата.

-За жал, во секојдневната комуникација со колегите од универзитетот, доаѓам до заклучок дека се помалку колегите ги посетуваат и ги следат меѓуанродните научни конференции, било тоа да се надвор од нашата држава или внатре, само поради финансискиот дел, односно финансиските импликации. Во нашата држава не се предвидува посебен буџет за да се стимулираат младите научници да ги следат најновите иновации и трендови со кои се соочува светот. Слабото финансирање не е само од државата, односно од Министерството за образование, туку и од самите универзитети, кои не предвидуваат некои посебни средства за да ги помогнат научниците, рече Османи.бт/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан