• четврток, 21 ноември 2024

Во штипскиот Центар за култура изложба на делата од Лесновската ликовна колонија

Во штипскиот Центар за култура изложба на делата од Лесновската ликовна колонија

Штип, 23 ноември 2022 (МИА) - Во Центар за култура „Ацо Шопов“ - Штип денеска изложени делата на јубилејното, 30. Лесновска ликовна колонија. Директорката на Домот на култура „Злетовски рудар“ - Пробиштип, Сандра Мијалковска вели дека штипската публика може да види вкупно 28 дела од 14 автори, сите академски сликари од земјава, но и гости од Бугарија и Србија. Можност за сликање на изложбата, која се организира од 1992 година, имаат и сликари - аматери, кои заедно со професионалците инспирацијата ја црпат од Лесновскиот манастир.

-Со настанатите уметнички слики се претставуваме во сите градови низ нашата држава се со цел што повеќе луѓе да го видат она што е настанато на колонијата. Колонијата се одржува секоја година во село Лесново, каде што се наоѓа еден од најпознатите манастири, Лесновскиот манастир, од каде што уметниците ја црпат својата инспирација и настануваат одлични уметнички дела, коишто ќе имате можност самите да ги видите. Сликите остануваат во колекцијата на Домот на култура во Пробиштип. Ќе кажам дека имаме богата колекција на слики со оглед на тоа што колонијата постои веќе 30 години, вели Мијалковска.

Трајче Кацаров  од штипскиот Центар на култура „Ацо Шопов“  вели дека Лесновската ликовна колонија, но и останатите секогаш се добредојдени во нивните простории. Според него ова е уште еден пример за квалитет на колонија, нешто сериозно и одговорно, што придонесува во целокупната уметност.

-Еве, оваа Лесновска колонија 30 години зборува дека се добри организатори, тие коишто даваат предност на ликовната уметност и даваат простор уметниците да имаат свој израз. Сите наши колонии зборуваат дека може да бидат место каде ќе се сретнеме со различни уметности, кои даваат свој придонес кон она што значи творечки потенцијал, вели Кацаров. вдј/сст/

Остани поврзан