Во Судан почна нов тридневен прекин на огнот пред донаторската конференција
- Суданските завојувани страни денеска се договорија за 72-часовен прекин на огнот, еден ден пред меѓународната донаторска конференција со која треба да се олесни страдањето на цивилите и суданските бегалци во соседните земји.
Картум, 18 јуни 2023 (МИА) – Суданските завојувани страни денеска се договорија за 72-часовен прекин на огнот, еден ден пред меѓународната донаторска конференција со која треба да се олесни страдањето на цивилите и суданските бегалци во соседните земји.
Прекинот на огнот меѓу суданската армија и ривалските Сили за брза поддршка (РСФ), со посредство на САД и Саудиска Арабија, почна во 6 часот наутро и се очекува да трае до среда.
Војната во Судан избувна во средината на април по долготрајната борба за власт меѓу де факто претседателот Абдел Фатах ал-Бурхан и потпретседателот Мохамед Хамдан Дагл.
Оттогаш, имаше бројни прекини на огнот, но тие постојано беа прекршувани.
Двајцата генерали првично ја презедоа власта заедно во 2021 година.
Според ОН, повеќе од 2,2 милиони луѓе се раселени поради борбите.
Агенциите на Обединетите нации во петокот соопштија дека на речиси 25 милиони луѓе им е потребна хуманитарна помош во земјата, а четири милиони деца и бремени жени и доилки се акутно неухранети.
Обединетите нации, заедно со владите на Египет, Катар и Германија, утре ќе одржат конференција за поддршка на хуманитарен одговор во Судан и бегалците кои бегаат во соседните земји. јт/
Фото: МИА архива