• понеделник, 23 декември 2024

Во Софија средба на министрите за надворешни работи на Централноевропската иницијатива

Во Софија средба на министрите за надворешни работи на Централноевропската иницијатива
Софија, 6 ноември 2022 (МИА) - Во Софија денеска и утре ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Централноевропската иницијатива, со кој Бугарија претседава годинава, соопшти бугарското МНР. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Северна Македонија на состанокот ќе ја претставува министерот за надворешни работи Бујар Османи. Специјални гости на официјалната средба во Софија се генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Матијас Корман, како и претставници на Светската здравствена организација (СЗО), Организацијата за црноморска економска соработка, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и Јадранско-јонската иницијатива. Министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков вечер во Националниот историски музеј ќе приреди гала вечера за лидерите на делегациите на земјите од иницијативата и специјални гости. Утре во државната резиденција „Бојана“ официјално ќе започне средбата на министрите за надворешни работи на ЦЕИ, во чии рамки во Гранд хотел „Милениум“ ќе биде отворен економско-бизнис форум. Приоритетите на бугарското претседателство се економско и социјално закрепнување од пандемијата и од последиците од војната против Украина, подобрување на транспортната поврзаност, младите и развојот на локалната димензија на ЦЕИ. ЦЕИ е една од најстарите иницијативи за регионална соработка во Европа, формирана е на 11 ноември 1989 година, по падот на комунизмот и Берлинскиот ѕид. Во неа членуваат 16 земји - девет од Европската унија - Италија, Унгарија, Словенија, Полска, Чешка, Словачка, Бугарија, Романија и Хрватска, пет од Западен Балкан - Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, и две од Источното партнерство - Украина и Молдавија. Правата на Белорусија како учесник во ЦЕИ се суспендирани. Како што потсетува дописникот на МИА од Софија, Бугарија е полноправна членка на ЦЕИ од 1 јуни 1996 година и ова е нејзино второ претседавање. нк/вг/

Остани поврзан