• петок, 22 ноември 2024

Во Словенија отворена истрага по објавувањето на аферата во Владата на Јанша со набавката на медицинска опрема

Во Словенија отворена истрага по објавувањето на аферата во Владата на Јанша со набавката на медицинска опрема

Љубљана, 24 април 2020 (МИА) - Националното биро за истраги на Словенија официјално отвори истрага по објавените снимени разговори и документи, со кои според дел од медиумите се фрла голем сомнеж за неправилности и при набавката за медицинска опрема за потребите на државата.

Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, полицијата интензивно работи на прибирање докази за скандалот, а во тоа соработува и со другите безбедносни служби, со цел да се расчистат сомнежите за можна злоупотреба при набавката на опрема.

Иван Геле кој е вработен во Заводот за стоковни резерви и човекот кој прв јавно во медиумите проговори за случајот веќе доби и полициска заштита.

Словенечката државна телевизија објави, а другите медиуми пренесоа документи, преписки и снимени телефонски разговори во кои според медиумот, се слуша гласот на министерот за економија Здравко Почивалшек, како договара која фирма и како треба да го добие тендерот за набавка на заштитна и медицинска опрема, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Во објавата на Телевизија Словенија коа презентираше докази, се тврди набавката на опремата била без тендер, односно со непосредна спогодба, а се тврди и дека директно министерот и неговите најблиски соработниците бирале кој ќе го добие бизнисот.

Според телевизијата со непосредна спогодба и интервенција на функционери од Владата на Јанша, договорено е 220 респиратори да бидат набавени од фирмата Генепланет, за кој државата платила 100 отсто аванс во вредност од осум милиони евра, што е за три и пол пати поскапо од редовната пазарна цена за истите медицински помагала.

Според овие информации и покрај тоа што опремата била сто отсто платена, државата не добила ни половина од нарачката.

Од истата фирма според доказите на телевизијата се набавени и заштитни маски за словенечките доктори, а во договарањето на зделката директно бил замешан и директорот на полицијата.

Медиумите во Словенија информираат дека во сопственичката структура на формата Генепланет имало роднини на блиски соработници на Јанша.

Министерот Почивалшек по објавување на документите и разговорите изјави дека не се работело за притисок која компанија да ја добие зделката, туку тема на разговорите била да се забрза целата постапка.

- Не станува збор за никаква афера, туку се работи за политична претстава против мене, изјави Почивалшек.

Одговорност и оставки по прилогот на Телевизија Словенија побараа повеќе политичари меѓу кои и поранешниот премиер Марјан Шарец и поранешниот претседател на Собранието Дејан Жидан, кој изјави дека оставка треба да си поднесе целата Влада на Јанша.

- Тоа не е одговорност само на еден министер. Тоа е начин на функционирање и одговорност на целата Влада. Поради ова ја повикувам целата Влада да си даде оставка, изјави Жидан.

Премиерот Јанша засега не даде изјава или став околу аферата. ав/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан