Во Прилеп работилници за Богдан Богдановиќ и Могилата на непобедените
- Прилепскиот Завод и музеј реализира меѓународен проект помеѓу Србија, Македонија и Босна и Херцеговина кој ги опфаќа спомениците што ги изработил познатиот архитект Богдан Богдановиќ. Прилеп го има монументалниот споменик - Могилата на непобедените, дело на Богдановиќ кој е симбол на градот.
Прилеп, 29 септември 2025 (МИА) - Прилепскиот Завод и музеј реализира меѓународен проект помеѓу Србија, Македонија и Босна и Херцеговина кој ги опфаќа спомениците што ги изработил познатиот архитект Богдан Богдановиќ. Прилеп го има монументалниот споменик - Могилата на непобедените, дело на Богдановиќ кој е симбол на градот.

Проектот е по повод 100-годишнината од раѓањето на Богдановиќ и од денеска до петок во Галеријата на икони во Прилеп ќе се одржуваат работилници со учениците од предшколска возраст, од основното и од средното образование. Целта е кај младите да се подигне свеста за уметничките но и симболни и историски вредности на споменикот, како и да се зачува за новите генерации и кое е неговото значење.
-Работилниците се во рамките на регионален проект помеѓу Србија, Македонија и Босна и Херцеговина, поврзани со културно-историско наследство кој го тематизира споменичното наследство на Богдан Богдановиќ. Нашата цел е што повеќе деца оваа седмица од предшколска возраст, од основното и средното образование да поминат низ придружни музејски активности. Да ја развијата свеста за естетската вредност на спомениците, но и за важноста да го зачуваат споменикот за идните генерации. Да се подигне свеста на локалното население, посебно за Могилата на непобедените, за кого е изграден и во спомен на што опстојува, за кој дел од историјата е и да се чува како еден од најголемите симболи на Прилеп, објаснува Аида Шарац Бербиќ, музејски педагог од Босна и Херцеговина која ги води работилниците.

Од 20 споменици што ги изработил Богдановиќ низ бившите југословенски републики, два се во Македонија. Покрај Могилата на непобедените негово дело е и споменикот на Исарот во Штип.
Во четвртот во Центарот за култура „Марко Цепенов“ ќе биде отворена и изложба за 100 години од раѓањето на Богдан Богдановиќ. ем/дма/
Фото: МИА