• среда, 06 ноември 2024

Во Прилеп премиерно прикажан документарниот филм „Јанѕа“ за Блаже Конески

Во Прилеп премиерно прикажан документарниот филм „Јанѕа“ за Блаже Конески

Прилеп, 14 декември 2023 (МИА) - Во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков во Прилеп синоќа премиерно беше прикажан долгометражниот документарен филм „Јанѕа“,  по сценарио и во режија на Никола Т. Калајџиски. Документарниот филм е за нашиот великан Блаже Конески, а е сниман според мотивите на „Дневник по многу години“ на Конески.

„Јанѕа“ е подготвуван и сниман во период од три години и го следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик Блаже Конески.

Огромното значење на делото на Конески за македонската култура и наука и воопшто за нашата држава се претставува преку кажувањата на повеќе истакнати академици, универзитетски професори и воопшто, научници/истражувачи од областа на македонистиката и воопшто од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, како и странски македонисти кои важат за познавачи на делото на великанот. 

Овој најнов филм на документаристот Калајџиски, посветен на централната личност на македонскиот XX век, се очекува да даде нова светлина врз ликот и делото на Конески. „Јанѕа“ опфаќа и димензии на неговата личност и малку познати сегменти од биографијата на великанот Конески.

Филмот е во продукција на „Контраст филм“, а продуцент е Златко Димески. Монтажата е на Аристид Филактов, додека композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звукот е Дарко Спасовски. Директори на фотографијата се Дејан Димески и Петар Кочишки. 

Документарниот филм „Јанѕа“ е сo поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. ем/мд/

фото: ЦК „Марко Цепенков“

 

 

Остани поврзан