• петок, 22 ноември 2024

Во последниот говор како Генсек на НАТО Столтенберг ги предупредува Европејците и Американците на опасноста од изолационизам

Во последниот говор како Генсек на НАТО Столтенберг ги предупредува Европејците и Американците на опасноста од изолационизам

Брисел, 19 септември 2024 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг, ги предупреди Европејците и Американците на искушението на „изолационизмот“ во неговиот проштален говор што ќе го одржи денеска, пред неговото заминување од чело на Алијансата во октомври.

По десет години на чело на оваа организација, поранешниот норвешки премиер ја напушта оваа важна функција, а на негово место доаѓа поранешниот холандски премиер Марк Руте.

„На двете страни на Атлантикот се кренаа гласови кои повикуваат Америка и Европа да одат по својот пат... изолационизмот нема да гарантира безбедност за никого“, се наведува во говорот на Столтенберг, чии делови претходно објавува прес службата на НАТО.

„Концентрирањето на краткорочните национални интереси за сметка на долгорочната соработка нема да биде во наша корист“, предупредува Столтенберг.

Претседателскиот кандидат на американските републиканци, Доналд Трамп, постојано ги критикуваше европските сојузници дека се „лоши плаќачи“, па дури и се закани дека доколку не придонесат доволно во финансирањето на Алијансата, ќе бидат оставени да се грижат  сами за себе доколку и тие бидат нападнати од Русија.

„Важноста на Атлантската алијанса е доведена во прашање. Таа се нарекуваше поделена, застарена, „во мозочна смрт“. Но, реалноста е дека НАТО е посилен и поважен од кога било“, рече Столтенберг во својот последен говор како генерален секретар на организацијата.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан