• петок, 22 ноември 2024

Во Пехчево од утре ќе се заловуваат кучињата скитници

Во Пехчево од утре ќе се заловуваат кучињата скитници
Пехчево, 6 април 2021 (МИА) - Во Пехчево ќе се заловуваат кучињата скитници кои шетаат по улиците. Заловувањето започнува од утре, а со активноста, како што информираа од општината, ќе бидат опфатени и регистрираните и нерегистрираните кучиња кои ќе бидат затекнати на улиците низ градот.
-Го известуваме населението од подрачјето на Општина Пехчево дека во наредните денови ќе се отпочне со реализација на законската обврска за заловување на бездомните кучиња, односно нерегистрирани и регистрирани кучиња кои слободно шетаат по улиците. Поради ова, а согласно законските одредби, за време на реализирањето на оваа обврска апелираме до сопствениците на миленици, своите кучиња да ги држат во сопствените дворни места, информираа од Општината.
Заловувањето на кучињата, како што додадоа од Општината, ќе го вршат стручни лица согласно претходно потпишаниот договор за нивно заловување.
-Нерегистрираните и регистрираните кучиња кои ќе бидат забележани како слободно шетаат по улиците, ќе бидат заловени од страна на АД Ветеринарно-сточарски центар „Тодор Велков“ од Куманово, која е избрана фирма на тендер. Заловувањето на кучиња ќе биде на начин кој нема да предизвика непотребна болка или страдање, информираа од Општината.
Надлежните ги потсетуваат сопствениците на домашни миленици дека кучињата со своја придружба може да ги  изведат надвор од дворните места, само со кошница на уста и врзани со каиш. Нивна должност е сместувањето и чувањето на кучињата да го уредат на начин што нема да пречи на мирот и спокојството на соседите и на видно место (на влезот од дворот) да постават табла за известување дека чуваат куче.  
 
Трошоците за заловување и третман на регистрираните и нерегистрираните кучиња ќе биде на товар на сопствениците на кучиња, а во случај на бездомни кучиња, товарот паѓа на општина Пехчево. вс/бак/

Остани поврзан