• понеделник, 06 мај 2024

Во Пехчево во тек подготовките за празникот Богојавление – Водици

Во Пехчево во тек подготовките за празникот Богојавление – Водици

Пехчево, 16 јануари 2022 (МИА) – Општина Пехчево во соработка со свештениците од црквата „Св. Петар и Павле“ и Јавното комунално претпријатие „Комуналец” и оваа година заеднички ќе го организираат традиционалното празнување на големиот христијански празник Богојавление – Водици. Во моментот, како што информираат од општината, организаторите со голема посветеност работат на дефинирање на деталите за целокупната манифестација што ќе се случува на 19 јануари во Пехчево.

– По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, црквата „Св. Петар и Павле“ ќе одржи света божествена литургија. Литургијата ќе започне во 8 часот, додека чинот на фрлањето на светиот крст во водата на реката Писа е најавено за во 10 часот во центарот на Пехчево. Сите учесници кои ќе скокаат во водата по светиот крст треба да извршат медицински преглед кај својот матичен лекар, посочуваат од Општина Пехчево.

Верниците, како што посочија, ќе имаат можност да присуствуваат на осветувањето на водата во реката Писа и ги покануваат да бидат дел од прославата.

– Со издадената потврда од матичниот лекар пријавените како што доадоа задолжително треба да се пријават на телефон 077/943-301 најдоцна до 18.01.2023 до 17 часот во храмот Св. Петар и Павле. Како што е и традицијата, оној кој ќе биде најсреќен и ќе го фати крстот во реката Писа, за него се предвидени прикладни награди, а за многубројните посетители на оваа манифестација, која од година во година станува се помасовна, локалната самоуправа и оваа година обезбеди бесплатни топли пијалоци (ракија и вино) за сите присутни, потенцираат од општината.

Водици или Богојавление е денот на кој според христијанското предание Јован Крстител го крстел Исус Христос во реката Јордан. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата, а кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. вс/фф/

Остани поврзан