• петок, 22 ноември 2024

Поликлиниката „Железара“ доби дигитален мамограф со стереотакса и ултразвучен ехо апарат со две сонди (ДПЛ)

Поликлиниката „Железара“ доби дигитален мамограф со стереотакса и ултразвучен ехо апарат со две сонди  (ДПЛ)

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) - Поликлиниката „Железара“ доби нова медицинска опрема. Со средства од Буџетот на Министерството за здравство набавени се дигитален мамограф со стереотакса и ултразвучен ехо апарат со две сонди.

- Денеска ја промовираме новата медицинска опрема-дигитален мамограф со стереотакса и ултразвучен ехо апарат со две сонди, набавен од буџетот на Министерството за здравство во вредност од околу 14 милиони денари, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.

Дигиталниот мамограф, како што посочи, претставува најсофистицирана опрема што се користи во сите здравствени установи низ светот и важи за современа метода за скрининг на рак на дојка во рана фаза.

- Со цел навремена дијагностика и рано откривање на рак на дојка, продолжува националната скрининг програма за рано откривање на рак на дојка, којашто е бесплатна за пациентките. За наредната година се планира зголемување на бројот на кабинети за скрининг на рак на дојка, согласно утврдените правила и протоколи донесени од страна на Националната комисија за скрининг и рана детекција на рак на дојка, подвлече министерот за здравство.

Меџити кажа дека има скрининг амбуланта на Торакална хирургија за пациентки кои имаат направено ехо мамографија, биопсија и потврден хистопатолошки наод и истите директно од доктор специјалист радиолог, може да се упатат во амбулантата на Торакална за одредување на термин за операција.

- Досега оваа можност, доктори специјалисти радиолози ја немаа ниту во дијагностички процедури, нагласи Меџити.

Според Меџити, изминатите месеци интензивно се работи на подобрување на јавните здравствени установи низ целата држава со набавка на нова медицинска опрема, подобрување на условите преку реконструкции, зајакнување на кадарот и набавка на лекови.

Заменичката на министерот за здравство, Маја Манолева истакна дека со новиот мамограф се зајакнува и скринингот за рано откривање рак на дојка, кој го спроведува Министерството, додаде таа. Таа апелираше за важноста на редовните превентивни прегледи за заштита на женското здравје.

Директорот на поликлиниката, Александар Вељановски истакна дека по подолго време Поликлиника „Железара“ добива мамограф.

- Од 2019 година со оваа програма имаме престанато. На територија на општина Гази Баба друг мамограф нема. Има повеќе од 75 илјади жители во оваа општина, истакна директорот на поликлиниката, Александар Вељановски.

Поликлиниката, како што кажа тој, во вредност од три милиони денари во 2023 година набави дополнителна медицинска опрема, што беше неопходна.

-Дневно бројот на пациенти се движи околу 350 до 400, додаде Вељановски.

Тој информираше дека за 2024 година имаат предвидено набавка на алерготестови, исто така планираат и еден од докторите по трудова медицина да биде пратен на супспецијализација, да се отвори пулмоалерголошка амбуланта, а во преговори се и за апарат за рано откривање на остеопороза.

Доктор Елена Ристеска, државен советник во Министерството за здравство, воедно и одговорно лице кое ја води превентивната програма за рана детекција и скрининг на малигни заболувања, кажа дека од 2024 ќе почнат и со скрининг на дебело црево.

- Само во делот на оние податоци со кои располагаме, преку националниот систем и софтверскиот дел на пријавени жени за скрининг мамографија, бројот на пријавени мислам дека е над десет илјади жени. Меѓутоа, реализирани скрининг мамографии се четири илјади и деветсто. Доколку не се оди на термин, да се откаже терминот, апелираше Ристеска. бд/ев/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан