• понеделник, 23 декември 2024

Во највисокиот суд на ОН започна рочиштето за израелската окупација

Во највисокиот суд на ОН започна рочиштето за израелската окупација

Хаг, 19 февруари 2024 (МИА) - Во Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг денеска почна рочиштето, означено како историско, за израелската окупација на палестинската територија, во период на војна меѓу Израел и Хамас.

Педесет и две земји ќе учествуваат на шестдневното рочиште во Хаг, што е повеќе од кој било друг случај.

Во 2022 година, Генералното собрание на ОН побара советодавно мислење за окупацијата и сега од 15 судии се бара да ги разгледаат „правните последици од континуираното кршење на правото на палестинскиот народ на самоопределување од страна на Израел, поради долгата окупација, населување и анексија на окупираната палестинска територија од 1967 година“.

Денешниот случај е одвоен од рочиштето одржано во јануари поради обвинувањето на Јужна Африка дека Израел врши геноцид во војната против Хамас, предизвикан од нападите на палестинските екстремисти од Газа на југот на Израел на 7 октомври.

Тогаш судот не му нареди на Израел да ја прекине воената кампања како што бараше Јужна Африка, туку нареди да се спречи геноцидот врз Палестинците во Газа.

Израел веќе навести дека нема да ја прифати пресудата на највисокиот суд на ОН, а кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на платформата Х објави: „Никој нема да не спречи – ниту Хаг, ниту оската на злото, ниту кој било друг“.

Денешното рочиште поврзано со Западниот Брег започна со говорот на министерот за надворешни работи на палестинската управа, која управува со делови од таа палестинска територија, Ријад ал Малики.

„Израелските влади последователно му даваа на палестинскиот народ само три опции, раселување, потчинување или смрт“, рече Малики.

„Но, нашиот народ е тука да остане, тој има право да живее во слобода и достоинство во земјата на своите предци. Тој нема да се откаже од тоа право“, додаде шефот на палестинската дипломатија.

Претставници од различни земји ќе учествуваат на расправата и ќе ги изнесуваат своите ставови од утре. Но, не е планирано да зборуваат претставниците на Израел, туку тие ќе дадат писмена изјава.

Израел ги освои Западниот Брег, Источен Ерусалим и Газа во Шестдневната војна во 1967 година.

Источен Ерусалим беше еднострано припоен, а израелската армија ги повлече своите војници и ги евакуираше еврејските доселеници од Газа, но со години ја држеше под речиси целосна блокада. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Остани поврзан