• понеделник, 23 декември 2024

Во матичната собраниска комисија продолжи расправата за предлогот Тодор Витларов да биде уставен судија

Во матичната собраниска комисија продолжи расправата за предлогот Тодор Витларов да биде уставен судија
Скопје, 7 септември 2022 (МИА) - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја продолжи расправата за предложените кандидати за уставни судии. Продолжи расправата за предлогот Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, да биде уставен судија. Пратеникот Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ на седницата посочи дека сите овие кандидати за уставни судии кои се предложени и усвоени, се дел од системот кој направи доверба во судството од 8 проценти. -Доколку видиме дека овие кандидати се дел од системот кој што ја донесоа државата во однос на индексот на корипцијата од 66-то на 111-то место, ќе сфатиме дека нешто смрди во државата. Ќе сфатиме дека и понатаму мнозинството и она што се договара на Бихаќка апсолутно нема никаква намера да се подобри во иднина, рече Здравковски Според пратеникот, функцијата уставен судија е можеби најмоќната функција во државата, дури помоќна и од функцијата претседател на државата затоа што ги има речиси истите права, но двојно подолг мандат. Здравковски смета дека од предложените кандидати на СДСМ никој не се истакнува со нешто видливо во однос на работата и оти немаат импресивна кариера. Според него, изгласаната кандидатката Татјана Васиќ Бозаџиева има нула напишани трудови и нула правни успеси, а кандидатот Тодор Витларов позади себе има импресивна кариера и тоа е она што го истакнува за разлика од останатите правници. Според пратеничката Јадранка Поцкова од ВМРО-ДПМНЕ, се дава поддршка на партиски послушници и поданици, а не на квалитетот и капацитето на кандидатите или пак на нивниот интегритет. Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање денеска рече дека ваквиот начин на избор на уставни судии нема да влезе во скринингот што треба да го започне Европската Комисија, бидејќи, како што рече, ќе изгледа дебело разочарувачки. -Ваков избор на судии не е добар. Една власт која се декларира за проевроспска и ги почитува европските вредности требаше да премине кон разговор со опозицијата и сите чинители во општеството за да се изнајде законско решение по кои критериуми и како ќе се избираат уставни судии. Според ова, очигледно е дека критериуми нема. Една проевропска власт ќе седнеше со опозицијата и ќе договореше кандидати кои ќе бидат гордост и за опозицијата и за власта и за цела држава, и ке имаше со што да се пофалат во домашната и во меѓународната јавност, рече Петрушевски. Според Петрушевски, Кацарска беше ниту морално ниту стручно соодветна да биде уставен судија. Таа е, како што рече, синоним за неправда. -За разлика од ваквите ликови како Кацарска и од вакви кандидати како Јолески, Васиќ, имаме и неколку биографии кои за жал нема да бидат поддржани од СДСМ. Намерно власта не дозволи сите овие предложени кандидати, без ралика од која политичка партија се, да дојдат тука, да ја елаборираат својата кандидатура и да одговараат на прашања на пратеници, за сите да дојдеме до вистинската слика за кандидатите, рече Петрушевски. Тој напомена дека кандидатот Тодор Витларов е доктор на правни науки, и во своето богато CV тој бил основен јавен обивнител во Штип, виш јавен обвинител во Штип во неколку наврати, член на Советот на јавни обвинители на Северна Македонија и повторно виш јавен обвинител во Штип - функција која ја зивршува и ден денес. Инаку, изминативе денови, на седницата, членовите на Комисијата ја изгласаа кандидатката Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, да биде предложена до Собранието за судија на Уставниот суд. Пратениците досега, освен за Васиќ Бозаџиева, дадоа поддршка и за кандидатурата на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер. Тие, како и Јовески, се предложени од владејачките партии. Од шестмината кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид. Седницата на Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ќе продолжи во петок во 13 часот.бт/са/

Остани поврзан