• петок, 05 декември 2025

Во Крива Паланка се одржа Регионална пензионерска фолклорна ревија на песни, музика и игри

Во Крива Паланка се одржа Регионална пензионерска фолклорна ревија на песни, музика и игри

Крива Паланка, 30 април 2025 (МИА) – Преку промоција на македонскиот фолклор, бит и традиција, денеска шесте здруженија на пензионери од четвртиот регион: Кратово, Куманово, Општина Центар, Аеродром, Чаир и Крива Паланка, се претставија со традиционални песни и игри на 23-тата Регионална фолклорна ревија на песни, музика и игри во Крива Паланка.

Домаќин на ревијата беше Здружението на пензионери од Крива Паланка и Ранковце, а организатор Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

Пензионерите, учесници, најпрво во дефиле низ главната улица во градот, минаа од плоштадот до пред општината, а подоцна настапија на ревијата со песни, игри, ора, изворни инструменти и богати колоритни носии.

Трајча Давидовски, претседател на здружение на пензионери на Крива Паланка и Ранковце во поздравот за присутните рече дека е чест да се домаќин на ревијата која покрај избор на учесник ан државната ревија, има една поголема цел, а тоа е дружењето и споделената позитивна енергија.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, посочи дека градот домаќин и жителите се познати по срдечниот пречек и гостопримството.

-Многу ми е драго што гледам една раскошна лепеза фолклор, колорит и традиција, но истовремено гледам активни луѓе, иако пензионери, така што, верувајте, вие како генерација што ја има мудроста, го носи знаењето, сте навистина наш пример и водилка во животот. Како општина правиме многу и носиме мерки, реализираме проекти за највозрасните, како првиот дневен центар за стари лица со активно стареење, отворен во Црвен крст Крива Паланка, каде се инвестирани речиси 6 милиони денари, а корисници се 50-тина возрасни лица од трето доба, потоа, социјалната услуга за нега и грижа во домот, што над 100 лица ја користат опслужени од над 40 негуватели, со рекордна сума за поддршка на болните и изнемоштени лица. Заедно со изработениот проект за реконструкција на домот за ученици и изградба на дом за стари лица, се показател за нашата грижа за возрасните, рече Митовски.

Посочи дека пензионерите со својата мудрост и знаења се жив извор на традицијата и искуството што го пренесуваат на младите.

Од име на организаторот се обрати и ја прогласи ревијата за отворена Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија.

-Благодарам на сите, над 160 ученици што денеска ќе се претстават овде, во убавата Крива Паланка. По она што го кажа градоначалникот, а јас прочитав на креативната веб страница на општината Крива Паланка, навистина многу вложува во поддршка на пензионерите и не само во социјални услуги, туку и воопшто. Морам да истакнам дека и во спортот, што е област во која градоначалникот вложува многу, и ние пензионерите имаме спортски игри и сме многу активни. Оттука, мора да истакнам дека Здружението од Крива Паланка секогаш има значајна улога и свој придонес во сите активности на Сојузот на пензионери, помогна многу во организациската поставеност на Сојузот, како и во солидарниот фонд-база за пензионерите, рече Трајкова.

На сите здруженија учесници им беа доделени признанија за учество, а Комисијата при ЗПСМ деновиве ќе донесе одлука за тоа кој ќе го претставува четвртиот регион на државната ревија закажана за 15 мај 2025, во Домот на АРМ, Скопје.ид/вј/

Фото: Општина Крива Паланка 

 

Остани поврзан