• недела, 22 декември 2024

Во Крива Паланка промовирана книгата „Моето алтер его“ од Елеонора Николовска

Во Крива Паланка промовирана книгата „Моето алтер его“ од Елеонора Николовска

Крива Паланка, 29 мај 2024 (МИА) – Во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа се одржа промоција на стихозбирката  „Моето алтер его“ од Елеонора Николовска, која го исполни до последно место фоајето и ги преплави со емоции присутните.

Публиката уживаше во стиховите, „совршени моменти“ опеани во 47 песни, објавени на повеќе од 80 страници, разиграни со слики, разнобојни цвеќиња од авторката и фотограф, Ана Срока од Полска.

-Поетовото алтер его „ѕирка“ низ клучалката на животот отклучувајќи суштински работи, расонувајќи не од зачмаеност преку изразот создаден на јазикот наш насушен, македонски, постојано р'тејќи од никулци просеани низ целиот свет. Елеонора Николовска е еден од авторите на македонската книжевна сцена, која што имаме чест да биде родена кривопаланчанка, да биде дел од програмата поддржана од Министерството за култура и на мое огромно задоволство, јас како филолог и книжевник да бидам промотор на нејзината импозантна книга „Моето алтер его“. Зошто импозантна? Бидејќи таа го користи нашиот македонски насушен јазик, како што вели во песните, како никулец чие што семе р`ти низ светот, рече промоторката Ирена Белешковска.

Авторката Николовска рече дека настанот во родниот град и го растереперил срцето, а во исто време докажал зошто Крива Паланка ја носи престижната титула „Град на културата“

-Kога ќе се најдете во сопствената средина,  каде луѓето ве знаат од малечка, има малку возбуда, една возбудлива растрепеност. Посебно ми беше драго што ја претставив мојата стихозбирка пред моите сограѓани и јас уживав за цело време додека траеше промоцијата. Навистина ми беше многу пријатно, преполно беше, а сепак имаше некоја интимна атмосфера. Се чувствував благопријатно, а сите учесници навистина се имаа потрудено многу, изведбата беше донесена до извонредност, барем јас така ја доживеав, рече Николовска.

Промоцијата на „Моето алтер его“ во Крива Паланка следуваше по интернационалната промоција во Хрватска и учеството на Николовска на 13. Меѓународен поетски фестивал „Морето на дланка“ што се одржа на 24 и 25 мај во Пула и Ровињ, Хрватска.

Со поезија и песна манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“ одбележа уште една културна книжевна вечер.

Настанот го збогати настапот на младата талентирана музичарка од градот, Нина Николовска, државен првак во соло пеење во конкуренција на основни училишта, која настапи со одличната интерпретација на „Кога те нема“ од Хелена Благне, под менторство на професорката Лариса Жулина-Митовски.ид/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан