• петок, 22 ноември 2024

Во Крива Паланка завршено асфалтирање на десет улици, инвестирани над 30 милиони денари

Во Крива Паланка завршено асфалтирање на десет улици, инвестирани над 30 милиони денари

Крива Паланка, 27 декември 2023 (МИА) – Четири улици во населбата Баглак и шест улици во населба Илинден, Крива Паланка добија нов асфалт, а проектите се во вкупна вредност од 30.4 милиони денари.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски изврши увид во асфалтирањето на ул. „Осоговска“, која беше реконтруирана со средства обезбедени преку Бирото за регионален развој, проект за создавање услови за развој на урбаните подрачја во општина Крива Паланка.

-Вкупната вредност на овој проект е во висина од 15.4 милиони денари, со кој беше опфатено и завршено асфалтирањето на улиците  „Баглачка“ и „Климент Охридски“ и ул. „Македонска“, каде се поставени атмосферска и фекална канализација со средства од Министерство за животна средина и просторно планирање, 3.400.000 денари. И жителите на населба Илинден добија шест новоасфалтирани улици: „Наско Тамбурков“, „Трета македонска бригада“, „Ѓорче Петров“, „Димитар Влахов“ и „Чупино Брдо“ и „17 Македонска ударна бригада“. Со инвестиција вредна 15 милиони денари обезбедени од Министерство за транспорт и врски се комплетно рехабилитирани  сите шест улици и извршена е замена на водоводната мрежа, со поставени нови полиетиленски цевки, информира службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка.

Оттаму посочуваат дека општината континуирано инвестира во подобрување на урбаниот и модерен лик на секој дел од градот.

- Поддршката од министерствата е многу значајна за нашата општина за да може да се реализираат крупни проекти за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, да се заокружи со бројни инфраструктурни проекти 2023 година, со најава на многу проекти за вложувања во подобрување на инфраструктурата и следната година. Новата година ќе отпочне со проектите за промена на ликот на централното градско подрачје за кои веќе се потпишани договори вредни 80 милиони денари: проширување и рехабилитација на централната градска улица и реконструкција на сите пет моста на Крива Река, додаваат од општината. ид/мд/

Фото: Општина Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан