Во Велес хуманитарно поделени 700 оброци за Велигден
- Хуманитарната акција се спроведува шеста година по ред во соработка со здружението „Нула гладни за Велес“ и волонтери од Општинскиот Црвен крст.

Велес, 21 април 2025 (МИА) - По повод големиот христијански празник Велигден денеска во гостилницата „Боем“ во Велес беа поделени 700 оброци на граѓани од социјално ранливи семејства.
Хуманитарната акција се спроведува шеста година по ред во соработка со здружението „Нула гладни за Велес“ и волонтери од Општинскиот Црвен крст.
- Сакавме барем малку да им го разубавиме празникот и со нашиот гест на хуманост да им покажеме дека сме заедно, посебно на празник како што е Велигден, изјави Трајче Мешков од гостилницата „Боем“ за МИА.
Организаторите на хуманата акција деновиве упатија повик до сите граѓани да се приклучат на акцијата за хуманост. Тие воедно најавуваат дека продолжуваат со нови донации за следните верски и други празници во текот на целата година. ад/бак/
Фото: МИА