• недела, 22 декември 2024

Во Бутел 1 се гради нова детска градинка

Во Бутел 1 се гради нова детска градинка
Скопје, 6 октомври 2022 (МИА) - Во населбата Бутел 1 почна да се гради нова детска градинка со капацитет да згрижи околу 120 деца. Градоначаникот на општина Бутел Дарко Костовски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска присуствуваа на почетокот на изградбата на градинката.
-Оваа градинка, која се гради врз основа на програмата на ТАВ, е во вкупна вредност  од 35 милиони денари. Таа ќе може да собере 120 дечиња, површина за градба е некаде околу 950 метри квадратни во првата фаза, која се гради во моментов и втората фаза која предвидува мини спортска сала за дечињата од градинката и ќе биде со површина од 200 метри квадратни, изјави Костовски.
Градоначалникот Костовски изрази благодарност до тимот на урбанизмот во општина Бутел. Појасни дека наследиле еден проект со, како што рече, огромни технички недостатоци и со динамична работа ги решивме сите. -Пред неколку дена го завршивме и работното лето на територија на општина Бутел. Се сработи многу, се асфалтираа над 20 улици, скоро секое маало веќе добива нов парк, ново спортско игралиште, го менуваме ликот на општина Бутел и убеден сум дека ќе продолжиме со оваа динамика којашто ја наметнавме во првата година од мандатот, изјави Костоски. Мицкоски изјави дека оваа детската градинка претставува капитален проект и ќе овозможи згрижување на децата, согласно сите стандарди. -Оваа детска градинка е дел од програмата финансирана од средствата кои ги пренамени ТАВ, кои требаше да бидат претходно наменети за изградба на карго аеродром во Штип, а потоа со закон беа пренаменети за изградба на инфраструктурни проекти низ државата, рече Мицкоски. Одговарајќи на новинарско прашање за отворање на уште една паралелка на албански наставен јазик за првачиња во ОУ „Панајот Гиновски“, градоначалникот Костовски рече дека она што го направиле како општина е во насока на добар и квалитетen соживот и принципиелност, а не за немање доволно простор. -Согасно реонизацијата, имавме запишано 40 првачиња на албански јазик во ОУ „Панајот Гиновски“. Поради добра волја, по моја насока, Советот допушти да се запишат уште 20 ученици кои се надвор од реонизацијата за да исполниме две паралелки. И веднаш потоа дојдоа уште неколку деца кои се надвор од реонизација и кои немаме должност да ги примиме. Се стигна до број 61,62 и на тој начин многу непринципиелно се побара трета паралелка, изјави Костовски. мд/aa/

Остани поврзан