Во болниците се лекуваат 183 ковид-пациенти
- Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 183 и има околу 430 празни болничк
Скопје, 1 јуни 2021 (МИА) - Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 183 и има околу 430 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани девет нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 74 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град.
Како што соопштија од Министерството за здравство, во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ имало два приеми.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало три примени пациенти и четворица биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени пет оздравени пациенти.
Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 10 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 25 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 38 пациенти.
Вкупно 74 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
- Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 80 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, стои во соопштението од МЗ.
Од МЗ наведуваат дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 109 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 11 пациенти, позитивни и суспектни на Ковид 19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 13 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 6 пациенти, во Велес се лекуваат 12 болни, а во Куманово 27 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 15 пациенти, во Прилеп 5, во ковид центарот во Гостивар 4, а во Струга 7 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 7 пациенти, во Кичево 2 и во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирано лица позитивни и суспектни на корона вирусот. Од МЗ посочуваат дека треба да се има предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти, се посочува во соопштението од МЗ и се додава дека во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, а Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени. цр/са/