• сабота, 23 ноември 2024

Во битката со корупцијата битни се информираноста на граѓаните и враќање на нивната доверба во системот, сметаат невладините

Во битката со корупцијата битни се информираноста на граѓаните и враќање на нивната доверба во системот, сметаат невладините
Прилеп, 30 март 2021 (МИА) - Граѓанинот секојдневно се соочува со сомнеж за корупција и судир на интереси, но на локално ниво не ги препознава механизмите за борба со корупцијата, тешко се пријавува поради страв од притисоци и реваншизам. Неопходни се информираност, враќање на довербата во институциите дека системот ќе ги заштити и правната помош. Најмногу му веруваат на народниот правобранител, констатираат од прилепската невладина организација „Станица П.Е.Т.“ кои спроведуваат проект за борба со корупцијата и правна помош за граѓаните. Проектот е со финансиска поддршка од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите американски држави (УСАИД) во рамките на проектот „Зајакнати системи на интегритет за борба против корупција на локално ниво“, спроведуван од Фондација Отворено општество Македонија, дел од Проектот за граѓанско учество, спроведуван од „Ист Вест Менаџмент Институт“. Според Џингис Бериша, од невладината „Станица П.Е.Т“, државата прави напредок во борбата со корупцијата, но многу треба да се работи со граѓаните. - Нашата држава има направено извесен напредок во борбата и спречувањето на корупцијата. Се донесе закон за спречување и борба против корупцијата, се формираше државна комисија и се донесе петгодишна национална стратегија за борба и справување со корупцијата, а на национално ниво се открија случаи на корупција.  Она што недостасува на локално ниво е тоа што граѓанинот не ги знае механизмите за справување со корупцијата и стравот да пријави корупција или судир на интереси. Постои феномен - што да се пријави, државата ни е таква. Често треба да се работи со граѓаните, зашто тие се среќаваат со предизвици во однос на образование и информираност и правната едукација што е од суштинско значење за граѓаните да се справат со корупцијата. Ситната корупција, за жал, голем дел од нас ја прифаќа како нормална појава и никогаш не реагира, изјави Бериша. Кристина Здравеска од невладината „Станица П.Е.Т“ вели дека од јули досега сомнеж дека биле жртви на корупција пријавиле 92-ца прилепчани, но само една третина поднесле преставки и не се знае исходот. -Од јули кога нашето здружение почна да дава правна помош, насоки и совети за пријавување случаи на корупција и судир на интереси имаме бројка од 92 лица кои се сомневаат дека биле жртви на корупција или на судир на интереси. Најмногу граѓаните реагираат на областите образование, здравствена заштита, реагираат на злоупотребата на службената положба и овластувања на одговорно лице и барање поткуп. Она на што најмногу треба да се обрати внимание е што граѓаните честопати не ја препознаваат корупцијата бидејќи е дел од нашето секојдневие. За граѓаните стана нормално да се даде нешто за да завршат одредена работа во јавните институции. Најчесто се шалтерски работници, јавни службеници со кои граѓанинот секојдневно е во контакт. Оние кои сепак се охрабруваат да пријават корупција, најчесто подоцна се повлекуваат поради страв од притисок, реваншизам и недоверба во институциите, зашто не веруваат дека системот за заштита работи во нивна корист. Затоа треба да се работи на теренот со граѓаните за да се зголеми довербата во институциите за да веруваат дека системот ќе ги заштити нивните права. Потребна е и поголема транспарентност и соработка со локалните институции, вели Здравеска. Граѓаните најмногу му веруваат на народниот правобранител, но освен таму, може да пријават во државната комисија, во инспекторатот, кај граѓанските организации. -Граѓаните најмногу веруваат во институцијата народен правобранител. Сметаат дека корупцијата најмногу е застапена во инспекторатите, во јавната администрација, а потоа се јавното обвинителство и судовите. Затоа е битно враќањето на довербата во системот дека ќе ги заштити, смета Здравеска. ем/аа/

Остани поврзан