• понеделник, 25 ноември 2024

Во Атлантскиот Океан се наоѓа најоддалечениот остров од цивилизацијата

Во Атлантскиот Океан се наоѓа најоддалечениот остров од цивилизацијата

Лондон, 10 јануари 2024 (МИА) - Во светов има една мала населба каде што секој се познава со секого, нема криминал, децата трчаат безгрижно каде сакаат, храната не се увезува, а речиси и да нема мобилен сигнал. Се работи за едно од најизолираните места на Земјата, пишува порталот „Путникофер“ (Putnikofer).

Тристан да Куња се всушност група острови коишто се наоѓаат сред Атлантскиот Океан и се создадени по ерупција од вулкан. Оваа, по малку и утописка заедница денес има нешто помалку од 300 жители кои се наоѓаат на најголемиот остров од оваа група. Единствениот град се нарекува Единбург на Седумте Мориња. На овие далечни британски острови има мало пристаниште, црква, училиште и пошта.

Најблискиот град е Кејп Таун во Јужна Африка, оддалечен 2.800 километри. Превозот до островот трае шест дена и единствениот начин да се стигне таму е преку море, бидејќи Тристан да Куња нема аеродром.

Населбата со 275 жители, Единбург е основана 1816 година од британскиот наредник Вилијам Глас, откако Велика Британија ја освоила областа. Гратчето го добило името по принцот Алфред, војвода од Единбург, во чест на неговата посета на островот во 1867 година. Британски воен гарнизон на островите имало до крајот на Втората светска војна.

Главна гранка на стопанството се лов, одгледување и извоз на ракови. Секое од 80-те семејства има и земја што ја обработува. Се одгледуваат и различни култури - најмногу компири.

Занимливо е што островот не увезува храна, туку жителите го јадат само она што е уловено и одгледувано на самото место.

Во совремието, околните жители сѐ повеќе се свртуваат и кон туризмот, но под многу јасни правила. Имено, на населениот остров нема хотели, ресторани, ниту туристичка инфраструктура. Посетителите и гостите треба да се пријават кај Управата на островите со месеци однапред. Откако ќе им биде одобрен престој, посетителите се сместуваат кај едно од тамошните семејства.

На островот движењето е - пешки, бидејќи сѐ е блиску и нема потреба од превоз. Барот „Албатрос“ е единственото кафуле на главниот остров на којшто се однесува името Тристан  да Куња, но „не треба многу да ѝ се верува на услугата“, гласат дел од препораките на интернет. Затоа повеќето посетители јадат во куќите на домаќините каде што престојуваат. 

И - на островот нема мобилни телефони. Има само телефонска говорница во поштата. Има и интернет-сигнал и може да се користи компјутер, но тоа е сателитска врска и преносот на податоци е многу бавен.

Затоа, одморот на овој необичен остров и навистина би бил одмор од технологијата, урбаната цивилизација и гужвата од секојдневието.  си/ссм/

Фото: Википедија

Остани поврзан