• вторник, 28 мај 2024

Во античка Олимпија запален олимпискиот оган за ЛОИ „Париз 2024“ (ДПЛ)

Во античка Олимпија запален олимпискиот оган за ЛОИ „Париз 2024“ (ДПЛ)

Атина, 16 април 2024 (МИА) – Во храмот на божицата Хера во античка Олимпија на грчкиот полуостров Пелопонез, онаму каде што пред 2.800 години беа одржани првите антички олимписки игри, денеска беше запален олимпискиот оган за Летните олимписки игри „Париз 2024“, јави дописничката на МИА од Атина. 

Временските услови и облачното време на свечената манифестација не дозволија палењето на огнот да биде од зраците на сонцето, меѓутоа тоа беше сторено претходно, а олимпискиот оган беше донесен во храмот на Хера.

Сепак, се одржа традиционалниот ритуал со специјална кореографија и молитва и благодарност до богот на сонцето Аполон и молитва до богот Зевс за мир за сите народи во светот.

Првиот факел, заедно со маслиново гранче го презеде грчкиот олимпиец Стефанос Дускос со што и започна патувањето на олимпискиот оган кон Париз. 

Факелот ѝ го предаде на француската олимписка шампионка Лаура Манауду, која му го предаде на потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас. 

На палењето на огнот му претходеше свечена манифестација во присуство на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, министри од владите на Грција и Франција, а започна со интонирање на олимписката, грчката и француската химна, по што се обратија претседателите на Меѓународниот Олимписки комитет, на Грчкиот Олимписки комитет и на „Париз 2024“ Томас Бах, Спирос Капралос и Тони Естанге. 

Во нивните поздравни се осврнаа на важноста на Олимписките игри, на пораката што ја испраќа олимпискиот оган, особено во период на војни и конфликти. 

Претседателот на организацискиот комитет „Париз 2024“ истакна дека дека францускиот народ и Франција се подготвени за ЛОИ, подготвени за, како што рече „да испишат нова страница во олимписката историја“.

Дополнително посочи дека игрите во Париз нема да бидат само спектакуларни, туку ќе одговорат на предизвикот на векот-климатските промени, додека за олимпискиот оган истакна дека е симбол бидејќи ги поврзува античките и модерните игри.

За поврзаноста на античките и модерните олимписки игри говореше и Бах.

Рече дека „од античко време има поврзаност на олимписките игри и мирот, а олимпиското примирје, беше основа за античките игри да бидат во мир и симбол на надеж“, а денес, како што посочи, „Олимписките игри се единствениот настан што го собира целиот свет во мирен натпревар“.

-Олимпискиот оган, што го палиме денеска е симбол на надежта. Овој олимписки оган ќе го пренесе олимпискиот дух од овде од античките корени во цела Франција, а на крај и во Париз, што ќе направи градот на светлината да стане уште посветол, порача претседателот на Меѓународниот Олимписки комитет.

Паралелно истакна дека ова се први олимписки игри со целосна полова рамноправност.

Претседателот на Грчкиот олимписки комитет истакна дека Олимписките игри се единствената институција во историјата на човештвото, бидејќи со векови ги задржува непроменети вредностите да ги обединува, да ги зајакнува, да ги менува луѓето и светот.

-Олимпискиот оган ќе го започне патувањето за Париз за првите Олимписки игри во Европа по 12 години и 20 години по Олимписките игри во Атина, пренесувајќи ја визијата за мир и почитување и повикувајќи ги сите земји да го имплементираат олимпиското примирје, истакна Капралос, додавајќи дека оваа порака е важна да се испрати особено сега кога живееме во турбулентно време.

Вчера, по генералната проба и во пресрет на денешната манифестација, претседателот на грчкиот олимписки комитет и претседателот на европските олимписки комитети Спирос Капралос, заедно со претседателот на МОК Томас Бах, во археолошкиот музеј на античка Олимпија ја потпишаа Декларацијата за олимписко примирје од градоначалниците на Античка Олимпија, Илида и Спарта, во координација со Меѓународниот центар за олимписко примирје.

Олимпискиот оган од античка Олимпија, штафетното ќе патува низ цела Грција, во следните 11 дена, ќе помине 5.202 километри и 563 наутички милји со помош на 600 лица.

Ќе ја помине целата земја, од најјужната до најсеверната точка, од исток до запад, од Крит до Александруполи и од Крф до Кастелоризо, поминувајќи низ 13 региони, седум острови, 43 градови, 41 општина, пет заедници, 10 археолошки локалитети и два олимписки музеи во Атина и Солун. 

Следниот петок, на 26 април ќе пристигне во Атина, каде што во попладневните часови на свечена манифестација отворена за јавноста на стадионот Панатенаик ќе биде предаден на Организацискиот одбор на Олимписките игри во Париз. 

Манифестациите во Грција, како палењето, така и штафетното пренесување низ земјата и предавањето на организаторите во Атина, по пауза од четири години ќе се одржат регуларно, со оглед на тоа дека во октомври 2021 година и март 2020 година поради пандемијата сите свечености беа без публика, а олимпискиот оган за Зимските Олимписки игри „Пекинг 2022“ и Летните Олимписки игри „Токио 2020“ од Атина замина без штафетното да патува низ Грција, туку директно им беше пренесен на домаќините. 

Летните Олимписки игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август. ср/зс/

Фото: Фејсбук „Paris 2024“

Остани поврзан