• недела, 17 ноември 2024

Во Албанија дводневна жалост за големиот Исмаил Кадаре

Во Албанија дводневна жалост за големиот Исмаил Кадаре

Тирана, 2 јули 2024 (МИА) - Албанската влада прогласи дводневна жалост во знак на почит кон најголемиот албански писател Исмаил Кадаре, кој вчера на 88-годишна возраст почина во Универзитетската болница во Тирана.

Денеска и утре (2 и 3 јули)  ќе бидат денови на национална жалост, а знамињата на државните и јавните институции ќе бидат спуштени на половина копје.

-Во среда, 3 јули, во Националниот театар за опера и балет во Тирана, од 9:00 до 11:00 часот, ќе се одржат јавни почести и државна церемонија. Истиот ден во 13 часот,  во негова чест, ќе бидат прекинати сите активности и ќе има  едноминутно молчење во целата земја, објави Топ чанел.

За организација на оддавање на последна почит и државната церемонија се формира посебна државна комисија под надзор на премиерот Еди Рама.

Трошоците  се на товар на Министерството за економија, култура и иновации.

Кадаре е еден од најбрилијантните современи писатели, добитник е на многу меѓународни награди а неколкупати е номиниран за „Нобеловата“ награда за литература. Најпознато дело му е "Генералот на мртвата војска".

Неговите дела се преведени на околу 45 различни јазици, со што е главен претставник на албанската литература ширум светот. 

Во есента 1990 година, Исмаил Кадаре решил да ја напушти Албанија и да остане во Париз. Писателот во тоа време ваквото заминување го оправдувал со „недостигот на демократски промени“. 

Поголемиот дел од последните две години со сопругата Елена го минуваше во неговиот роден град Ѓирокастро. вт/сд/

Остани поврзан