• четврток, 14 ноември 2024

Вонредни контроли во Дојран, Охрид, Струга и Преспа, уништени 8,7 тони небезбедна храна

Вонредни контроли во Дојран, Охрид, Струга и Преспа, уништени 8,7 тони небезбедна храна

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Инспекциски тимови на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во периодот од 16 до 19 јули спроведоа вонредни засилени контроли во објекти и оператори со храна (хотели, ресторани, времени - кетеринг објекти, месарници и маркети) во туристичките центри Дојран, Охрид, Струга и Преспа со кои беа опфатени 112 објекти. При тоа беа изречени 54 глоби на 54 оператори со храна, од кои на осум им беше изречена забрана за работа до отстранување на констатираните недоследности.

-Со контролите се проверуваше имплементацијата на добра производствена и хигиенска пракса (ДПП/ДХП) базирана на НАССР принципите, инфраструктурните услови во објектите, а се спроведуваа и контроли на активностите согласно регистрацијата на операторите со храна. Во услови на високи надворешни температури, акцент со контролите беше ставен на условите на чување и складирање на производите и роковите на употребливост на храната, соопшти АХВ.

Со контролите, се посочува во соопштението, беше  утврдено неисполнување на општите и посебните хигиенски барања во сите фази на производство ,преработка и дистрибуција на храна, неимплементирање на сите процедури на ДПП/ДХП базирани на НАССР принципите, храна со поминат рок на употреба, промет на храна без декларација и означување согласно Законот за безбедност на храна и подзаконските акти според кои ваквите производи се прогласуваат за небезбедни за човечка употреба и нештетно се уништуваат.

-Од страна на инспекторите за храна и официјалните ветеринари констатирана беше и работа на објекти - оператори со храна кои не се регистрирани или одобрени за работа од страна на АХВ, поради што беа изречени мерки забрана за работа, а затекнатите производи беа забранети за промет и нештетно уништени. Утврдени беа и лоши инфраструктурни и хигиенски услови во кујните, производствените простории, за што некои оператори добија времена мерка забрана за работа, се наведува во соопштението.

Како што нагласуваат од АХВ, од промет беа отстранети 8.700 килограми небезбедна храна која беше нештетно уништена.

Од АХВ најавуваат дека и во наредниов период ќе продолжат со спроведување на вонредни контроли и во другите туристички центри, а поради високите температури, како што велат, на сила останува мерката за засилени контроли кај операторите со храна на целата територија на земјава.вј/дма/

Фото: АХВ

Остани поврзан