• петок, 05 декември 2025

ВМРО-Народна партија: Овој потег е контроверзен и удар врз мисијата на црквата

ВМРО-Народна партија: Овој потег е контроверзен и удар врз мисијата на црквата

31 мај 2025 

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) се наоѓа пред сериозен морален и институционален предизвик, откако јавноста беше изненадена од информацијата дека поранешниот амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски, е замонашен од Архиепископот Г.Г. Стефан – и тоа како чекор кон негово поставување за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, без еден ден монашки живот, без послушание и без искуство во духовното раководење.

Се работи за една од највлијателните епархии на МПЦ-ОА, а целиот процес се одвива во тишина, без канонски консултации, без духовна подготовка, без јасна визија и што е најважно без одговорност кон верниците.

Ова поставување, тивко и со невообичаена брзина, отвора сериозни прашања:

- Кој и какви центри стојат зад ваквата одлука?

- Зошто се игнорираат духовници со децениско искуство, како постоечкиот викарен епископ?

Доколку ова сценарио се реализира, МПЦ-ОА ќе се соочи со историски преседан: митрополит без монашки стаж и без реален духовен пат.

Тоа не е само канонски спорно, туку и опасно за духовниот легитимитет на целата црква.

Архиепископот Г.Г. Стефан како духовен лидер, треба да знае дека довербата на паството се гради со искреност, канонска чистота и мудрост, а не со потези што личат на договарања зад затворени врати.

Денес кога верниците очекуваат духовност, чесност и одговорност, МПЦ-ОА нема луксуз за да си игра со довербата. Овој потег не е само контроверзен туку тој е и удар врз мисијата на црквата.

Па сходно на тоа логични се прашањата:

- Дали Македонската православна црква е духовна институција или пазар за лични агенди?

- Дали Македонската православна црква го слуша гласот на своето стадо или работи по диктат од надвор?

Во време на духовен и општествен метеж, црквата треба да биде светилник, а не сенка на туѓи интереси.

 

ВМРО-Народна партија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан