• вторник, 09 декември 2025

Властите во Србија најавуваат неколку сценарија за заштита на интересите на државата, НБС тврди дека има доволно евра во менувачниците

Властите во Србија најавуваат неколку сценарија за заштита на интересите на државата, НБС тврди дека има доволно евра во менувачниците

Белград, 8 декември 2025 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска имаше состанок со тимовите одговорни за енергетската стабилност и безбедност на државата каде добил детален извештај за состојбата на резервите, a разгледани се и неколку различни сценарија за заштита на интересите на државата, граѓаните и економијата.

„Повторив дека актуелните предизвици бараат целосно внимание од сите институции и одговорни поединци, од кои очекувам максимални напори во однос на ублажување на последиците од санкциите, при што ја нагласив важноста на брзите и навремени интервенции од страна на државата и координиран одговор на актуелните предизвици“, објави Вучиќ на Инстаграм.

Тој додаде дека особено нагласил дека е од клучно значење граѓаните редовно да бидат информирани, како и да не се грижат, бидејќи се преземени сите потребни чекори за да се одржи функционирањето на најважните системи за снабдување со гас и нафтени деривати.

Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави по состанокот дека ситуацијата со НИС не е лесна и дека проблемите се натрупуваат, како и дека ќе се работи на зголемување на државните резерви.

„Ситуацијата не е лесна таа е се покомплексна, проблемите природно се натрупуваат - 51 место во Србија кои немаат алтернативно снабдување. Кога размислувавме за тоа, размислувавме и за земјоделците. Ќе ве потсетам дека цената на горивото се субвенционира на пумпите на НИС токму за да им се помогне на земјоделците. Тоа е исто така еден од предизвиците. Размислувавме за малите бизниси, малите компании, сите оние на кои, се разбира, им треба гориво секој ден“, рече таа.

Ѓедовиќ Хандановиќ додаде дека државни резерви во изминатите три години значително се зголемија - вкупно околу 60 проценти од сите нафтени деривати и нагласи дека Србија има доволно мазут за целата грејна сезона.

„Во финансискиот сектор, свесни сме дека луѓето чувствуваат проблеми, тоа ни е јасно. Исто така, голем број правни лица веќе или се префрлиле на нов добавувач или бараат алтернатива, тоа ни е исто така многу јасно“, рече Ѓедовиќ Хандановиќ.

Народната банка на Србија објави денеска дека во текот на изминатите две недели има зголемување на побарувачката за девизи на домашниот девизен пазар. Дел од оваа побарувачка е резултат на вообичаените сезонски движења во секторот на домашните компании, но многу поголем дел е резултат на зголемениот интерес на граѓаните за купување девизи по најавите во врска со компанијата НИС.

НБС истакнува дека зголемената побарувачка на евра од граѓаните во голема мера е стимулирана од одредени медиумски написи и објави на социјалните мрежи кои немаат реална основа и дополнително поттикнуваат неоправдана паника.

„Во некои менувачници имаше недостиг на евра како резултат на зголемената побарувачка...сепак, ова во никој случај не значи дека има проблем во понудата на евра или други странски валути на домашниот пазар“, наведоа од НБС. зш/ссм/
фото Вучиќ/Инстаграм

Остани поврзан