• вторник, 26 ноември 2024

Владина делегација оддаде почит на загинатите бранители кај Љуботенски Бачила

Владина делегација оддаде почит на загинатите бранители кај Љуботенски Бачила

Скопје, 10 август 2023 (МИА) - По повод 22 годишнината од трагичното загинување на осумтемина бранители и припадници на Армијата кај месноста Љуботенски Бачила, владина делегација предводена од советникот за одбрана на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Драган Василевски, денеска положи цвеќе пред спомен плочата на загинатите бранители во касарната Илинден во Скопје.

Како што соопштија од владината прес - служба, во чест на загинатите припадници на Армијата, цвеќе во касарната Илинден положи и делегација на Министерството за одбрана, предводена од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во состав со началникот на Генералштаб на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски и полковник Новица Стојановски.

Владина делегација, предводена од советникот за одбрана на премиерот Василевски положи цвеќе и оддаде почит и пред спомен обележјето на загинатите бранители кај Љуботенски Бачила, каде цвеќе положи и делегација на Министерството за одбрана, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски.

Цвеќе беше положено и пред спомен обележјето на загинатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров и пред спомен обележјето во Волково, каде почит оддадоа владината делегација, предводена од советникот за одбрана на Претседателот на Владата Василевски и делегацијата на Министерството за одбрана предводена од началникот на Генералштаб на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски.

На низата одбележувања на овој настан, почит оддадоа бројни делегации, меѓу кои делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, претставници на локалната самоуправа, делегации на политички партии, како и членови на семејствата на загинатите бранители.

На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. вг/дма/

 

Фото: Влада

Остани поврзан