Владината коалиција функционира беспрекорно, тврди премиерот Мицкоски
- Владината коалиција функционира беспрекорно и амбиентот внатре е конструктивен, вели премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по вчерашните препукувања меѓу владините партнери ЗНАМ и ВЛЕН.

Скопје, 22 август 2024 (МИА) - Владината коалиција функционира беспрекорно и амбиентот внатре е конструктивен, вели премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по вчерашните препукувања меѓу владините партнери ЗНАМ и ВЛЕН.
Според Мицкоски, логично е да има различни ставови по некои прашања, но важно е секогаш да се наоѓа решение.
Важно е, вели Мицкоски, да се напомене дека оваа Влада има поддршка од повеќе од две третини од пратениците во Парламентот и тоа, според него, е важно затоа што граѓаните очекуваат резултати.
- Инаку, опозицијата ќе се обидува да создава таков тип на пораки во јавноста, но состојбата е многу конструктивна и без исклучок сите кои се дел од владината коалиција на дневна основа се трудат да направат нешто добро за државата и граѓаните, што е многу важно, рече Мицкоски по денешното поставување на камен темелник на спортска сала во населено место Огњанци, во општина Петровец. рт/бак/
Фото: МИА