• недела, 22 декември 2024

Влада: Нови ограничувања за движење во Куманово

Влада: Нови ограничувања за движење во Куманово
Скопје, 24 март 2020 Владата на Република Северна Македонија на денешната 27 седница ја дополни Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија со забрана за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железничкиот патнички јавен превоз. Согласно ова, со Одлуката за дополнување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење во општина Куманово, им се препорачува на економските оператори што имаат големи производствени и продажни капацитети на подрачјето на територијата на општина Куманово да го приспособат своето работење со редуциран број на вработени, имајќи ја предвид забраната за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железнички патнички јавен превоз или целосно да ги затворат производствените и продажните капацитети. Со оваа одлука се задолжуваат Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје да подготват посебен план со екипи за да се преземат сите потребни мерки и активности за да се спроведе поголем број на тестирања на подрачјето на територијата на општина Куманово, со цел континуирана детекција и организација на следење на состојбата со бројот на инфицирани лица од Коронавирус (COVID-19), за поефикасен третман на истите, како и да се упати стручен медицински персонал и да се обезбеди техничка помош за потребите на Општа Болница – Куманово. Оваа одлука влегува во сила од 25 март 2020 година. На оваа седница Владата донесе Уредба со законска сила за организирање авионски превоз на македонски граѓани со моментален престој во странство на територијата на Република Северна Македонија за време на вонредна состојба. Во Член 1 од Уредбата се вели дека за време на постоење на вонредна состојба прогласена во државата, по претходно прибавена листа од Министерството за надворешни работи на пријавени патници, македонски граѓани со моментален престој во странство се организира авионски превоз со цел пренесување на македонските граѓани на територија на Република Северна Македонија. Членот 2 утврдува дека за авионскиот превоз на македонските граѓани со моментален престој во странство Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија објавува јавен повик по дестинација и број на патници врз основа на доставените листи од страна на Министерството за надворешни работи, со цел прибирање на понуди за чартер летови од градовите во Европа до Република Северна Македонија. По објавување на јавниот повик од страна на Генералниот секретаријат крајниот рок за прибирање понуди е 12 часа од моментот на објавување на повикот. Критериум за доделување на договор за јавна набавка е најниската цена. Генералниот секретаријат ќе склучи договор и ќе изврши плаќање на избраната најповолна понуда врз основа на дадениот критериум за избор. Во Членот 3 од Уредбата со законска сила за организирање авионски превоз на македонски граѓани со моментален престој во странство на територијата на Република Северна Македонија за време на вонредна состојба се утврдува дека лицата при влез во авионот потпишуваат договор помеѓу нив и Владата на Република Северна Македонија во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија и пополнуваат Изјава дека се согласни по пристигнување на територија на Република Северна Македонија да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена. Лицата ќе бидат превземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин. Лицата кои ќе патуваат имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите на сметка согласно склучениот договор. На 27-та седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за начинот на постапување со медицинскиот отпад и отпадот од лицата во самоизолација и карантин потенцијално контаминиран со COVID-19. Оваа информација Владата ќе ја достави информацијата до Главниот координативен кризен штаб на разгледување и на постапување до операторите кои постапуваат со медицински отпад. На оваа седница Владата го усвои Записникот од Деветтиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржан на 24 март 2020 година. Владата усвои Уредба со законска сила за примената на Законот за туристичката дејност за време на вонредна состојба. Уредба со која туристичките агенции ќе издаваат ваучери во вредност на сумата уплатена за аранжманот кој бил откажан како резултат на кризата со Коронавирусот. Со оваа мерка на туристичките агенции ќе им се овозможи да издаваат ваучери на клиентите во износ на уплатената сума којшто може да се искористи за било кое следно патување заклучно со 31.12.2021 година. На тој начин клиентите кои поради настанатата ситуација со кризата од Корона вирусот ги откажале своите аранжмани нема да ги изгубат уплатените средства на износот што го уплатиле, а во исто време туристичките агенции би можеле да го издржат финансискиот товар кој би се распределил на подолг временски период. Издавањето на Ваучерите ќе биде унифицирано за сите агенции и ќе се реализира со согласност од двете страни, односно Туристичката Агенција и патниците. Туристичките Агенции кои ќе престанат да ја вршат дејноста ќе имаат обврска средствата во целост да им ги вратат на клиентите. Туристичките Агенции кои нема да ги почитуваат условите за издавање на Ваучери, ќе добијат соодветни казни согласно Законот за туристичка дејност и Законот за прекршоци. Владата денеска усвои и Уредба со законска сила за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од корона вирусот (covid-19) за време на вонредна состојба, според која, Законот за јавните набавки (“Сл.Весник на РМ бр.24/19) ќе се применува за време на постоење на вонредната состојба. Со оваа Уредба (Член 2) со законска сила се уредува прашањето за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од КОРОНА ВИРУСОТ (COVID-19) за време на вонредна состојба во Република Северна Македонија. Во Член 3 се вели дека: Владата на Република Северна Македонија ќе спроведе интервентна набавка на минимум 2000 заштитни маски дневно за потребите на Република Северна Македонија од домашни производители. Интервентна набавка на заштитни маски може да биде со материјал погоден за производство на заштитни маски на економскиот оператор или со материјал погоден за производство на заштитни маски обезбеден од Владата на Република Северна Македонија. Предмет на набавката ќе биде производство, пакување и дистрибуција до институции кои имаат потреба од заштитни маски. Економските оператори треба да ги исполнуваат следните услови и тоа: Испорака на минимум 2000 маски дневно; Испораката ќе се врши за период на траење на вонредната состојба; Единечна цена по маска 40 денари плус ДДВ со материјал за изработка во сопственост на економскиот оператор; Единечна цена по маска од 25 денари плус ДДВ за материјал обезбеден од страна на Владата на Република Северна Македонија; Материјалот обезбеден од страна на Владата на Република Северна Македонија ќе биде доделен на еден економски оператор кој ги исполнува условите, а доколку се јават повеќе економски оператори кои ги исполнуваат условите ќе се спроведува јавно наддавање, а договор ќе се склучи со економски оператор кој ќе понуди најниска единечна цена; За материјалот од кои ќе се изработуваат заштитните маски потребно е да се поседува соодветен Сертификат за квалитет издаден од страна на овластена лабораторија. Член 4 од Уредбата со законска сила за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од корона вирусот (covid-19) за време на вонредна состојба утврдува: (1) Владата на Република Северна Македонија преку Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ќе објави јавен повик за набавка на заштитни маски. (2)Право на учество на јавниот повик ќе имаат сите домашни производители кои ќе ги исполнат условите од членот 3 на оваа Уредба со законска сила. (3) Јавниот повик за набавка на заштитни маски ќе трае 24 часа од моментот на неговото објавување. (4) Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија ќе формира Комисија од 3 члена за оценка на пристигнатите понуди по објавениот јавен повик. (5)Најдоцна во рок од 2 дена од денот на завршувањето на јавниот повик, Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија по доставен Извештај од Комисијата, до Владата на Република Северна Македонија ќе достави предлог за склучување на договор за набавка на заштитни маски со добавувач кој што ги исполнува условите од објавениот јавен повик. (6) Со Договорот за набавка на заштитни маски ќе се уредат односите помеѓу Владата на Република Северна Македонија и избраниот економски оператор во однос на количината на набавката, квалитетот, времето и начинот на испораката, единечната цена, роковите за испорака, роковите за исплата на договорената цена како и други прашања кои се од значење за уредување на меѓусебните односи. (7) Исплатата на договорените испорачани заштитни маски ќе се врши преку Владата на Република Северна Македонија - Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија. Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“. Владата денеска донесе уредба со законска сила за запирање на примената на Законот за извршување, со која се запира примената на Законот за извршување, извршување до 30 јуни 2020 година, освен доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. Според оваа Уредба, Член 2 утврдува дека извршителите се должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија, освен: Во предметите за побарувања врз основа на законска издршка; Со распределба на средствата пристигнати на нивните посебни сметки, доколку за тоа се исполнети законските услови; Со дејствијата кои следат по наплатата на средства од должникот, успешно спроведени јавни надавања, или продажби со непосредна спогодба. Уредбата утврдува дека работодавците на должниците, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РСМ и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадените налози од страна на извршителите, во периодот определен со Член 1 на оваа Уредба, односно до 30 јуни 2020 година. Основните судови во Република Северна Македонија, се должни да донесат одлуки по поднесените приговори за незаконитости при извршувањето врз основа на Член 86 од Законот за извршување, а Апелационите судови по поднесените жалби против решението на судот по приговор врз основа на член 87 од Законот за извршување, со цел да се создадат услови за непречена распределба на средствата пристигнати на посебните сметки на извршителите. Уредбата влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“. Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои информацијата за вклучувањето на Република Северна Македонија во НАТО Процесот на одбранбено планирање (NDPP). Со заклучок на седницата се задолжува Министерството за одбрана редовно да ги следи сите обврски за Република Северна Македонија, да ги информира сите вклучени институции за следните чекори и да го координира целокупниот процес. По укажана потреба, во НАТО Процесот на одбранбено планирање за Република Северна Македонија да предложи вклучување и на други национални институции и да ја информира Владата на Република Северна Македонија (два пати годишно - јануари и јуни), како и Работниот комитет за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, за периодичните препораки од НАТО во НАТО Процесот на одбранбено планирање. Процесот на одбранбено планирање (NDPP) е сеопфатен, темелен и детален процес чија цел е поддршка на трите клучни задачи на НАТО (колективна одбрана, кризен менаџмент и кооперативна безбедност). Најважно за НАТО во NDPP е да се осигура дека земјите членки можат да дадат соодветна поддршка на нивото на амбиција на НАТО, со соодветни капацитети во поддршка на поставените мисии и цели. Посебно значење во овој процес има капацитетот на секоја земја за градење на реални планови, поддржани со ресурси, како и на имплементација на преземените обврски. NDPP се одвива во континуитет, секоја година, со точно утврден ред на доставување на Извештаи од страна на земјите членки, како и реализација на билатерални и мултилатерални консултации со НАТО. Министерството за надворешни работи доби задолжение да ги координира активностите во однос на областа „Стабилизација и Реконструкција” во НАТО Процесот на одбранбено планирање и во координација со Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи да ги имплементира препораките од НАТО и за преземените мерки и активности да ја извести Владата на Република Северна Македонија, најдоцна до крајот на јуни 2020 година. Се задолжуваат Министерството за финансии, Министерство за економија, Министерство за транспорт и врски, Министерството за здравство, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а се укажува на Агенцијата за електронски комуникации, да учествуваат во НАТО Процесот на одбранбено планирање и во координација со Министерството за одбрана да ги имплементираат препораките од НАТО, во одделните области. Се задолжува Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство активно да се вклучи во НАТО Процесот на одбранбено планирање, да ги преземе сите неопходни мерки за координација на други субјекти во изградба на поголема отпорност во оваа област, како Агенција за храна и ветеринарство и други институции за кои ќе оцени дека е потребно. Центарот за управување со кризи е должно да ги координира активностите во однос на областа „Цивилна подготвеност” и во координација со Министерството за одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување и другите институции вклучени во националниот кризен менаџмент да ги имплементира препораките од НАТО. Работниот комитет за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, најдоцна до 30 април 2020 година (пред почетокот на мултилатералните консултации на РСМ со НАТО во Брисел), треба да достави предлог до Владата на Република Северна Македонија, во врска со носителот/институција која ќе биде носител на процесот на подготовка и креирање на новата Националната Безбедносна Стратегија, а согласно препораките од НАТО. Сектор за односи со јавноста Генерален секретаријат ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан