Владата пред одлука државата сама да го реализира проектот „Чебрен и Галиште“
Скопје, 9 јуни 2026 (МИА) - Владата е пред одлука државава самостојно да го реализира хидроенергетскиот проект „Чебрен и Галиште“ за што инвестицијата би изнесувала до 1,5 милијарда евра заедно со каматите.
- Сериозно размислуваме и сме пред носење стратешка одлука државата самостојно да го реализира, без приватен партнер. Конечната одлука ќе зависи и од состаноците што се одржуваат во рамките на ЕСМ - рече премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со медиумите.
Пресметките, појасни, покажуваат дека внатрешната стапка на поврат на инвестицијата е над 10 проценти, што го прави проектот значаен од економски аспект.
- Но, не е само од економски аспект, цениме дека имајќи го предвид глобалното затоплување, во регионот ќе недостигаат два резервоари за пивка вода што може да се направат. Исклучително стратешки важно ни е Тиквешко Поле да се наводнува од овој проект. Тоа се приближно 60-ина илјади хектари земја - посочи Мицкоски.
Овој предел, дополни, може да послужи и за развој на дата-центри.
- Многу блиску сме до носење на одлуката како држава сами да го развиваме, а тоа значи изработка на физибилити-студија, која ја имаме и по принципот на јелоу-фидик да избереме фирма што ќе го гради - информира премиерот Мицкоски. лв/са/
фото: МИА архива