• петок, 22 ноември 2024

Владата ги ограничи трговските маржи на основните прехранбени производи

Владата ги ограничи трговските маржи на основните прехранбени производи
Скопје, 22 февруари 2022 (МИА) – Владата на предлог на Министерството за економија на денешната седница донесе Одлука за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало што ќе важат од 1 март до 31 мај годинава. Со одлуката се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.   -Со оглед на информациите и анализите на терен дека трошоците на производителите на основни прехранбени производи растат, оваа одлука има за цел да се ограничат трговците да прават профит на грбот на граѓаните и на производителите. Со оваа одлука се контролира растот на цените на основните прехранбени производи  да нема значајно влијание врз потрошувачката на граѓаните со оглед на тоа што од 1 март престанува да важи одлуката за замрзнати цени на основните прехранбени производи, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата. Тој нагласи дека на листата на основни прехранбени производи сега се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта. -Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 отсто се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици, прецизира Бектеши. Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука, како што најави, ќе следуваат глоби. -За прекршување на овие мерки согласно член 30 од Законот за трговија предвидени се глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец, рече Бектеши. Во наредниот период, како што кажа, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе излезе на терен со засилени контроли кај трговците и ги повика граѓаните кои ќе утврдат зголемување на цените на основните прехранбени производи да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на ДПИ. -Министерството за економија е во финална анализа и преку инклузивен процес ќе почне дискусија за подготовка на Закон за нефер трговски практики во синџирот за снабдување со храна кој ќе биде готов до крајот на март и ќе биде пуштен во собраниска процедура, информира Бектеши.вј/лв/

Остани поврзан